Сјајна партија на Нено Димитријевиќ против ѕвездите на Барселона

Само два дена откако го загуби големото финале на Евролига, Барселона успеа да се опорави и со 84:74 да го совлада Хувентуд во првиот дуел од четвртфиналето на шпанскиот плејоф. Нашиот најдобар кошаркар Димитријевиќ постигна 16 поени со 3 асистенции и 1 скок за 18 минути на паркетот.

Покрај нашиот Димитријевиќ, ефикасен беше и неговиот соиграч и некогашен играч на Барселона Анте Томиќ со 17 поени, 8 скока и 1 асистенција.

Кај Барселона издоминира Аргентинецот Леандро Болмаро со 16 поени, 2 скока и 4 асистенции, Пау Гасол имаше 14 поени со 6 скока, Кори Хигинс 12 поени, 2 скока и 2 асистенции а Никола Миротиќ 11 поени, 4 скока и 1 асистенција.

На останатите дуели од плејофот во најсилната европска лига, Реал поведе со 1-0 против Гран Канарија, Валенсија исто 1-0 против Басконија, а Тенерифе против Сан Пабло Бурхос. Во случај на пласман во полуфинале, Барселона или Хувентуд таму би ги чекал подобриот од двобојот Тенерифе - Сан Бурхос, а Реал во полуфинале би играл против еден од Валенсија или Басконија.

2 јуни 2021 - 09:03