Сите учеа од Јужна Кореа за тестирање, сите ќе учат и како да го продолжат спортот

Фудбалската К-Лига на Јужна Кореа стартува во петок со посебни мерки и препораки кои останатиот дел од светот посебно ќе ги разгледува и ќе се обиде да ги примени во своите системи.

Во претпоследната недела од април во Јужна Кореа се одиграле неколку подготвителни натпревари пред старт на сезоната која паузираше поради пандемијата со Ковид-19.

Тогаш двајца играчи на Инчеон Јунајтед си ги помешале шишенцата со вода, се напиле, па кога сфатиле, плукнале и се насмеале.

Ова дополнително ги натерало фудбалските власти, на препорака на медицинските лица, секое шишенце со вода на секој играч да му биде посебно обележано. Но останува да се види како ќе одат другите мерки.

Натпреварите ќе се играат без гледачи, а сите играчи и членови на стручниот штаб ќе бидат тестирани по неколку пати. Забрането е ракување и разговор меѓу играчите, па дури и со соиграчите.

„Може да не плукаме и да не се ракуваме за време на мечот, нема тука ништо сложено. Но без разговор меѓу соиграчите не може нормално да играме. Невозможно е да не збориме меѓу нас“, вели капитенот на Инчон Јунајтед, Ким До Хек.

Тренерите ќе бидат должни да носат маски постојано и тоа ќе им биде исто непријатно и неудобно затоа што така нивните совети тешко ќе се слушаат дури и на пусти стадиони.

„Со новите инстркуции ќе имаме потешкотии за време на натпреварите, но нема избор, треба да ги следиме препораките“, додава тренерот на Сувон Самсунг Блувингс Кин До.

Фудбалскиот свет ќе ги сврти очите кон К-Лигата која почнува на 8-ми мај.

Јужна Кореа веќе беше глобална инспирација во борбата против Ковид-19, дури и многу поголеми и посилни економии од корејската беа импресионирани од нивниот пристап на масовно и агресивно тестирање на милиони жители.

Сега ќе имаат можност да се докажат и во организација на фудбалски натпревари.

НАЈСТАРА ЛИГА ВО АЗИЈА КОЈА СЕГА ЌЕ ЈА ПРЕНЕСУВААТ МНОГУ ДРУГИ ЗЕМЈИ

Со 37-годишна историја, К-Лигата е најстара во Азија и за неа никогаш немало многу голем интерес каков што ќе има во петок вечер кога ќе им почне сезоната 2020.

Оваа година К-лигата очајно барала нов договор за тв права, а сега еден куп компании од целиот свет, очајни за фудбалски преноси во живо, заѕвониле кај К-Лигата во Сеул.

Веќе се постигнати десет договори за преноси со компании од Кина до Хрватска, а со други се преговара.

„Фудбалот е навистина редок деновиве. Ова е голема можност да го запознаеме светот со најдобрата лига на Азија. Се надеваме дека навивачите ќе заборават на вирусот кога ќе гледаат К-Лига“, вели Квон О, претседател на јужно-корејската фудбалска лига.

Иако Тајван и Туркменистан беа едни од најретките земји каде фудбалот не прекина, сепак К-Лигата би била далеку поинтересна за гледање, затоа што е на многу повисоко ниво, со странци во екипите и е лига која дала најмногу шампиони во азиската Лига на шампиони.

Првенството во Јужна Кореа требаше да почне на 29 февруари со дуел меѓу шампионот Џеонбук Моторс, чиј тренер е поранешниот помошник на Мурињо Жоже Мораиш, против освојувачот на Купот од лани Сувон Блувингс.

Но тој ден Јужна Кореа забележила рекордни 909 заболени лица од КОВИД-19, па лигата се одложи.

Во изминатиот период Кореа бележи драстичен пад на заболени лица и на 4 мај немале ниту еден пријавен нов случај, па ситуацијата изгледа посигурна. 

„Во процесот на подготовки за почеток на лигата се консултиравме со медицинските стручњаци и нивното заедничко мислење беше дека може да разгледаме почеток кога бројот на потврдени случаи ќе биде под 30 најмалку две недели“, додава Квон.

Минатата недела сите 1.100 фудбалери и членови на стручен штаб биле тестирани и после шест часа ги добиле резултатите. Сите биле негативни.

Јужна Кореа има голем број на тестови кои веќе подолго време ги извезува во светот. Нивното агресивно тестирање им овозможило да го ограничат бројот на смртни случаи до 252 на 15 април.

„Вирусот е смирен, но не е комплетно завршен. Ако имаме потврден случај во некој тим за време на сезоната, тогаш нивните натпревари, како и натпреварите на нивниот ривал против кој играле, ќе бидат одложени на најмалку две недели.

Некои фудбалски федерации веќе не прашуваа за нашите чекори и како да се раководат. Многу сме среќни што можеме да соработуваме и да споделиме искуство. Сега е најважно да ја довршиме лигата, а сè друго би било бонус“, заклучува првиот човек на фудбалската федерација на Јужна Кореа, Квон.

5 мај 2020 - 15:55