Меѓу бројните шпански ѕвезди кои дојдоа во Скопје, најголема врева се крена околу Жерар Пике. Поради неговите шеги на сметка на Реал Мадрид, поддршка на каталонската независност и неколку други скандали, шпанската публика одлучно реши да го исвиркува Пике на секој допир со топката.
Така беше и во Овиедо, на дуелот меѓу Шпанија и Словачка, средба после која Пике направил нов циркус. Дефанзивецот на Барса вечерта меѓу саботата и неделата го напуштил хотелот, а се вратил рано утрината видно загреан. Неколку сведоци го снимиле во ноќниот провод и тоа беше причина новинарите и јавноста да го распнат.
Заслужува ли Пике и натаму да игра за Шпанија? Дали сте размислувале да го избркате од составот? Се редеа прашањата на шпанските новинари на пресот на Градски, каде зборуваа Икер Касиљас, Серхио Рамос и селекторот Дел Боске.
„Не е голем проблем за мене и не сакам да посветувам внимание на тоа. Веќе кажав дека не ми се допаѓаат свирежите кон Пике. За Шпанија тој одигра повеќе од 70 натпревари за сите категории. Кога ми кажаа за фотографиите од Хихон, помислив уште ова ни требаше. Тој е посебно момче и мора да го одбраниме од нападите. Ако не го донесев, ќе ги оправдавме оние што го напаѓаат. Случајот Пике е повеќе поради ривалитетот Мадрид-Барса отколку од политичка природа", изјави Дел Боске на прес-конференцијата.
Во одбрана на Пике застанаа и голманот на Порто, Икер Касиљас и капитенот на Реал Мадрид Серхио Рамос.
„Сите го знаеме Пике каков е и не сакаме да го менуваме. Не навлегуваме ниту во тоа дали е во право или не. Едно е сигурно, свирежите не помагаат никому на теренот. Овде ја претставуваме Шпанија и мора да се држиме заедно", додаде Серхио Рамос.
Икер Касиљас во Скопје по 100-ти пат ќе ја носи капитенската лента, а за новинарите изјави дека во моментов е најважно да престанат свирежите кон Жерар Пике.
„Никој не се чувствува добро кога еден од твоите соиграчи е исвиркуван. Мора да заборавиме на тоа што е можно побрзо. Ако Пике игра за Шпанија, тоа е затоа што сака да биде овде.
Македонија и Шпанија играат вечерва од 20:45 на Филип Втори во Скопје.