Ајас Асман е млад фудбалер од Сирија којшто кога имал 5 години со родителите тргнал на пат во Германија и емигрирал во градот Оснабрик. Меѓу илјадниците мигранти кои немале лични документи се нашол и Ајас па центарот за мигранти во соработка со надлежните служби морале сами да го проценуваат датумот на раѓање и пишале 1.1.1993.
Ни крив ни должен Асман два пати во годината дувал свеќички за роденден, еднаш со другарите од школо на 1. јануари и еднаш со родителите и брат му на правиот датум на раѓање - 21 октомври. Проблемот се јавил што службите не го утнале само датумот, туку и годината на раѓање. Ајас е роден во 1994 а не во 93-та.
Но тоа не му сметало во секојдневното функционирање а во меѓувреме ги воодушевил Германците со својот фудбалски талент и почнал да игра прво за Оснабрик, а набрзо и за големиот Келн. Следувала позајмица во третолигашот Регензбург а на крајот Сириецот се скрасил и потпишал професионален договор со второлигашот Динамо Дрезден во 2015-та.
Таман се стабилизирал и сè било во ред кога од родната Сирија сосема неочекувано му стигнале оригиналните документи: Ајас Асман, татко Хусеин, Сириец, роден на 21. октомври 1994 година.
На службите не им требало многу време, се увериле во исправноста и веродостојноста на документите и повторно преку ноќ Асман веќе нема 24 години како што тие воделе, туку има 22.
На пазарот неговата вредност била близу 650.000 евра а сега вреди 2 милиони евра и веќе размислува за Бундеслигата.
„Да, секако дека многу се израдував. Прекрасно е чувството да станеш помлад за скоро две години а ова е добро и за мојата кариера затоа што секој сака помлад играч“, изјавил Ајас Асман за германскиот Билд.