Што се случува со Лестер?

Минатата сезона Лестер имаше само три порази во цела сезона во Премиер лигата, а сега по 12 кола има двојно повеќе од лани. Момците на Раниери имаат две лица и додека испишуваат историја со првиот пласман во нокаут фазата од ЛШ, истовремено се на 2 бода до испаѓање од лига.

Помина една година откако Џејми Варди стигна до 10 гола на 10 меча по ред во Премиер лигата, рекорд кој го држеше Ван Нистелрој. Десеттата жртва на Варди беше Њукасл кој загуби 3:0 од Лестер кој беше незапирлив, а нивниот напаѓач не знаеше за промашување.

Седум дена подоцна напаѓачот за кој пред историската сезона на Лестер немавме појма кој е, го сруши рекордот на Холанѓанецот и тоа со гол против неговиот поранешен клуб, Манчестер Јунајтед.

Лестер беше движечка сила во Премиер лигата во конкуренција на клубови кои тежат еден тон пари, клучот во нивната игра беше незапирливото дуо Марез – Варди. Првиов си поигруваше со противниците и потоа му ја даваше на тацна на вториов кој беше дежурен за голови.

По 12 месеци работите драстично се променија. Лисиците од една страна газат во нивната дебитантска сезона во Лига на шампиони и пласманот во осминафинале го обезбедија со 4 победи и едно реми, а има уште едно коло.

Во првенството пак им оди ужасно. 12 меча, 12 бодови. Загубија од Хал, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Челси, ВБА и Ватфорд и се на 14-та позиција или 2 бода до местото кое води во Чемпионшип.

Каде лежи проблемот? Од играчки аспект тоа треба да го анализира Раниери, а управата треба да се подзамисли што направи околу трансфер пазарот. Една од причините сигурно е продажбата на Канте кој беше клучен играч во средниот ред, а другата е доста сериозна.

Марез и Варди сезонава играле 12 пати заедно на кои Марез остварил само 9 пасови до неговиот колега, а знаете колку од нив биле успешни. ЕДЕН. И кога статистиката ќе извади ваков шокантен податок во 356 минути игра на клучните двајца играчи од 17 септември до сега, тогаш јасно е зошто Лестер има скромни 14 гола на 12 средби во Премиер лигата.

Минатата сезона Марез ја заврши со 18 гола и 10 асистенции и беше прогласен за играч на сезоната во Премиер лигата, а Варди со 24 гола ја делеше втората позиција на најдобри стрелци со Агуеро. Сега овие двајца играчи имаат по само 2 гола, учинок кој е реална слика за напаѓачи на клубови од долниот дел на табелата.

Коефициентот за освојување на титулата на Лестер во сезоната 2015/2016 изнесуваше 5.000, а во јули месец годинава кладилниците за оваа сезона на Лестер му даваа од 25 до 33.

Во ситуација кога англискиот првак остварува вакви резултати и заостанува 16 бода зад лидерот Челси, ништо чудно во кладилница коефициентот за одбрана на титулата да се врати на 5.000.

Да се потсетиме што се случуваше на 2 мај 2016-та во Премиер лигата.

23 ноември 2016 - 12:11