За белгискиот вицепрвак пласман во плејофот од Лига Европа не е изненадување, како што е за нашиот претставник Шкендија. Гент минатата сезона оствари историски резултати и не само што успеа да влезе во фазата по групи во Лига на шампиони, туку и се избори за нокаут фаза.
Белгијците беа дел од групата Х заедно со Зенит, Валенсија и Лион и не важеа за фаворити дека ќе освојат една од првите две позиции. Но момците на Хајн Ванхезебрук ја изненадија Европа и влегоа во топ 8.
На гости загубија од Зенит и Валенсија, но дома им се одмаздија и на двете екипи и собраа 6 бода. Во дуелите со Лион излегоа непоразени. Дома реми, на гости победа и тоа се 10 бода, доволни за второ место во групата. Зенит заврши прв со 15, Валенсија трета со 6, а Лион последен со 4 бода.
Следна пречка во осминафинале им беше Волфсбург со кој го загубија двобојот 3:2 и 1:0. До пласман во Лига на шампиони Гент стигна откако стана шампион на Белгија во сезоната 2014/2015 и тоа за прв пат во историјата. Истата сезона го освоија и Супер Купот.
Трофејот во Купот го имаат освоено три пати, во 1964 година, 1984-та и 2010-та. Европското лето го почнаа во 3 квалификациско коло за Лига Европа откако завршија втори во домашното првенство за шампионот Клуб Бриж.
Им падна Костанца од Романија која ја декласираа со 5:0, а на реваншот одиграа 0:0. Гент нема звучни имиња, но сигурно нема да биде лесна пречка и ќе биде голем предизвик за Шкендија.