Што клуб бумеранг ќе беше овој Падерборн

Од Бундеслига испаднаа до трета лига, па за 5 години се вратија назад. Со таква леснотија испаѓаат и се враќаат нагоре, што човек ќе помисли дека им здосадува играње во една лига повеќе од една сезона.

Патот кој германскиот фудбалски клуб Падерборн го помина во последните неколку сезони е совршено неверојатен:

- Во 2014 година Падерборн првпат во историјата се пласираше во највисокиот ранг - Бундеслигата (од 2. место во втора лига). Во првите четири кола Падерборн беше прв во елитата и најголема сензација во цела Европа, но на крајот заврши 18-ти и испадна во втора лига.

- Падот беше толку силен што не се опоравија ниту следната година, па испаднаа дури во трета лига како 18-то пласиран во Бундеслига 2.

- Неверојатно, но следната сезона нов срам. Завршија 18-ти во третата германска лига и испаднаа во четврта регионална лига. Но ги спаси банкротот на Минхен 1860 кој беше исфрлен, ја изгуби лиценцата и го изгуби професионалниот статус па испадна наместо Падерборн кој остана во трета лига.

- Во сезоната 2017/2018 Падербон завршува втор во третата лига и се враќа назад во втора Бундеслига.

- Во сезоната 2018/2019 завршуваат на второ место во втора Бундеслига и се враќаат во елитната најдобра германска Бундеслига!

****

Подемот на Падерборн е силно поврзан со тренерот Штефен Баумгарт. Тој стана тренер на екипата во април 2017-та, собрал 11 бода во последните 5 меча од сезоната и заслужил нов договор (од испаѓање во четврта лига ги спасил не Баумгарт, туку Минхен 1860).

После точно две години, Баумгарт го носи Падерборн во Бундеслига.

47-годишниот германски тренер има скромно реноме: до Падерборн тој кратко работел во два четвртолигаши - Берлинер АК07 и Магдебург.

Во Падерборн брзо воспоставил напаѓачки фудбал - во трета лига екипата постигнала 90 гола во една сезона (рекорд на првенството), а во втората 73.

Пред Баумгарт да дојде во Падерборн владеел хаос: по испаѓањето од Бундеслига во 2015-та, во клубот четири пати се менувал тренер. Во октомври 2015-та тренерска кариера во овој нов бундеслигаш почнал и Штефан Ефенберг, но после шест месеци заминал а клубо го оставил на претпоследно место.

Претседателот на Падерброн по отпуштањето на Ефенберг рекол дека легендарниот фудбалер на Баерн и репрезентацијата на Германија му штетел на имиџот на клубот затоа што еднаш му ја земале возачката дозвола поради возење во алкохолизирана состојба.

Падерборн, кој важи за студентски град, знаел како да го прослави големиот пласман во Бундеслигата. Пред градското Собрание, на силен дождр, екипата шампионски ја пречекале околу 10.000 навивачи.

Интересно, Падерборн и покрај поразот од Динамо Дрезден во последното коло, благодарение на ремито на Бохум со Унион Берлин се пласираше во Бундеслигата, поради што фудбалерите и стручниот штаб облекле маици Бохум пред летот за Шпанија каде ќе одат на одмор.