Македонија ги игра најдобрите мундијалски квалификации во историјата со рекорден број на освоени бодови, рекорден број на голови на гости, како и на освојување прва победа над велесила како Германија. Во квалификациите за ЕП најдобриот пласман е третото место од минатата година.
Претходно ситуацијата беше очобол, бидејќи 25 години не можевме да мрднеме од четврта или петта позиција во сите квалификации и бевме ништо повеќе од само учесници.
По историскиот пласман на ЕП 2020, овој пат следува обид да се направи уште поголем подвиг и да се стигне до светскиот фудбалски крем. Но тој е потежок и Македонија ќе мора да докаже дека е зрела за таков успех. За да се бори на таков фронт, најпрвин треба да се добие Исланд во Скопје.
КАКО ИЗГЛЕДА НОВИОТ ФОРМАТ ВО БАРАЖОТ ЗА СП?
Класичниот бараж за Светско во кој се добиваше само еден противник повеќе не важи, а новиот потсеќа на финишот за пласман на Европското до кое стигнавме преку Косово и Грузија.
Исто ќе биде и сега со плејоф, во кој за да испишеме нова историја ќе треба да совладаме два противника, кои ќе бидат многу потешки.
Во бараж битките за Светско ќе играат сите 10 второпласирани репрезентации од квалификациите, плус најдобрите две селекции од Лига на нации. Тоа се оние две кои ќе бидат освојувачи во своите групи, а не се наоѓаат меѓу првите две преку редовните квалификации.
Тие 12 репрезентации ќе бидат поделени на носители и неносители. Шесте најдобри ќе бидат носители, а преостанатите четири и двете од Лига на нации неносители.
Потоа ќе бидат поделени во три мини турнири со по четири селекции кои ќе играат полуфинале и финале. Трите земји кои ќе ги освојат финалињата одат на Светско.
КОЈ ИМА ПРИВИЛЕГИЈА ДА ИГРА ДОМА И ЗА КОГА СЕ ЗАКАЖИ ПЛЕЈОФ НАТПРЕВАРИТЕ?
Тоа ќе се одлучува преку ждрепка која ќе се одржи на 26 ноември.
Полуфиналните натпревари се закажани за 24 и 25 март, а финалињата се играат на 28 и 29 март.
Носителите имаат предност на домашен терен во полуфиналето, а ждрепката ќе одреди која полуфинална двојка ќе биде домаќин на финалето. Македонија како неносител во полуфиналето ќе биде гостин.
МОЖНИ ПРОТИВНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА ВО БАРАЖОТ
Погледнете ги екипите кои во моментов се второпласирани за да ви стане јасно колку е сериозен овој тест за Македонија. Според моменталната ситуација на едно, а во некои групи на две кола до крај, учесници во баражот се Србија, Шведска, Швајцарија, Украина, Чешка, Шкотска, Норвешка, Хрватска и Полска. Скроз друга приказна од тоа што беше во плејофот за ЕП.
Но и покрај тоа што се надзира крајот во квалификациите, сепак оваа слика на табелите може да претрпи многу промени до крај. Еве и зошто. Дури во пет групи следуваат директни дуели за првото место од кои во три останува уште последното коло.
Од тие причини не е исклучено во бараж да одат селекции како Италија, Шпанија, Португалија Холандија, а и Хрватска која не е ниту прва во група.
Од директните дуели уште едно коло до крај имаат:
ГРУПА А
Португалија – Србија (14 ноември)
ГРУПА Б
Шпанија – Шведска (14 ноември)
ГРУПА Х
Хрватска – Русија (14 ноември)
А со директи дуели и две кола до крај се:
ГРУПА Г
Норвешка – Летонија (13 ноември)
Црна Гора – Холандија (13 ноември)
Холандија – Норвешка (16 ноември)
ГРУПА Ц
Италија – Швајцарија (12 ноември)
Северна Ирска – Италија (15 ноември)
Швајцарија – Бугарија (15 ноември)
Ваков финиш во битка за Светско немала ниту Македонија, ама ниту толкав број на селекции од прв ешалон. Лудница.