Каталонско радио во својата програма, но и преку својот Твитер профил објави неколку докази кои ги поседува јавното обвинителство на Каталонија за истрага против фудбалскиот клуб Барселона.
Тогашниот потпретседател на клубот, Феран Сориано кој во моментов е извршен директор на Манчестер Сити, како и поранешниот директор на Барселона, Жоан Оливер ги шпионирале вработените додека на претседателската функција бил Жоан Лапорта.
Сориано и Оливер најмиле компанија која инсталирала софтвер на внатрешниот сервер со кој биле мониторирани сите мејл адреси на официјалниот домејн fcbarcelona.cat. Шпионската акција на Барселона чинела 2 милиони евра, а со неа челниците на Барселона имале увид во испратените и примени мејлови на сите вработени во клубот.
Оваа шпионска акција функционирала од 2005-та до 2008-та година, а обвинителите исто така откриле и дека Барселона за 64.000 евра најмила детективска агенција за да ги следи четирите претседателски кандидати.