Ентони Модест во Германија живее и игра од 2013-та, но никогаш во кариерата не бил толку голгетерски расположен како сезонава. 22 гола на 25 меча. Модест - е единствениот играч во првенството кој дал повеќе од половина голови на својот тим и е најзаслужен што Келн ја игра најдобрата сезона во последните 23 години.
После зимската пауза, Келн не изгледаше така сјајно како на почетокот на пролетната сезона, но нивниот главен бомбардер продолжи да дава голови и не обрнуваше многу внимание на слабата форма на тимот.
Да премине од Хофенхајм во Келн, Модест се одлучил кога новиот тренер на Хофенхајм му кажал дека за него нема место во првиот тим.
После долги месеци исцрпувачка конкуренција со Фирмино, Шиплок, Салаи и Фоланд, Тони Модест дошол во екипа каде освен него немало ниту еден друг напаѓач. Французинот го нашол рајот.
Во првите девет средби лани новајлијата на Келн дал 10 гола со 2 асистенции и хет-трик на дебито.
„50 милиони за Антони Модест? Зошто да не? Погледнете какви суми денес фигурираат на трансфер пазарот. Ако сте го гледале како игра, мора да се сложите дека Тони вреди толку“, изјавил Дитер Милер, легендата на Келн за новиот идол на навивачите кои го разнебити досадниот дует Обамејанг-Левандовски во трката за „Златна пушка“.
Никогаш во историјата на Бундеслигата три играчи немале повеќе од 20 голови до 26. коло. Ова е вторпат во кариерата на Модест да биде вака продуктивен.
Во 2010 тој блескал во втората француска лига во составот на Анжер и го тргнал Оливие Жиру (тогаш во Тур) од првото место на листата за најдобри стрелци.
Модест во моментов вреди речиси четири пати помалку од гол-машините на Баерн и Дортмунд, Левандовски и Обамејанг. Според transfermarkd.de Полјакот вреди 80 милиони евра, Габонецот 65 а Модест 12.
На Антони Модест во просек му требаат по 3,5 удари на гол за да даде гол. Дури 67% од шансите успешно ги реализирал. Сезонава до денес одиграл 2.169 минути на 25 меча и дал 22 гола од кои: 4 со глава, 4 со лева нога, 14 со десна. Има далеку подобра реализација на шанси од двата „ѕвера“.
Да се вратиме на 50-те милиони - тоа не е само стилска фигура, туку и конкретна понуда која стигнала до Келн. Не мора да кажеме од каде стигна, знаете и сами. Изминатава зима Модест можеше да стане соиграч со Аксел Витсел и да игра под раководство на Фабио Канаваро.
Модест ги одбил и решил да остане во Келн.
„Како се ближи финишот на сезоната, новинарите настојуваат со прашањата можам ли да станам најдобар стрелец во Бундеслигата. Но тие прашања треба да им ги постават на соиграчите. Од нив зависи дали ќе станам или не. Од друга страна мене ми е огромна чест што сум во друштво на најдобрите европски напаѓачи“, скромно вели Модест за клупскиот сајт на Келн.
Французинот има само три гола помалку од Меси сезонава и со 44 бода сериозно конкурира за „Златната Копачка“.
Модест е уникатен и по тоа што секој од 22-те гола ги прославил на различен начин, но последната прослава кога со рацете правеше како да гледа со двоглед е прослава што ја прифатија навивачите.
Од каде му е оваа прослава? Еднаш кога се допишувал со сопругата Маевој на WhatsApp на крајот од разговорот го ставил смајлито кое им станало семејно меме а Антони почнал да прави пародија од тога. Било смешно но тренерот на Келн Петер Штегер направил сериозна фаца кога видел како Модест ги прославува головите.
Модест е главен лик во Келн, па така се појавил и на Келнскиот карневал и се измешал со народот.
Во ноември минатата година, Модест го дал првиот од двата најважни гола во сезоната - во дербито со омразениот Менхенгладбах и тоа на гости. Или со јазикот на навивачите на Келн „ја симнал проститутката од подиум“. Дербито на Рајна е едно од најжестоките во Германија.
Сезонава Тони даваше голови кои му помогнаа на Келн жив да се врати од Минхен и да им оддолее на Шалке и Волфсбург. Кога тој дава гол статистиката вели: 9 победи, 4 нерешени и само 2 порази.
Со сјајната сезона тој го држи буден селекторот Дидие Дешам кој се уште мозга дали да го викне 28-годишниот напаѓач за Франција. Француските медиуми потсетуваат дека ако Дешамп не одлучи брзо, бројот на Модест стои и во именикот на Јоаким Лев.