Напаѓачот на Барселона, Мунир Ел Хадади ќе го памети квалификацискиот дуел против Македонија како натпревар во кој дебитирал за актуелниот европски шампион.
По дебаклот во Бразил, шпанската фудбалска федерација му дозволи на селекторот Дел Боске да ја направи планирата смена на генерацијата, по што Чави, Виља, Пујол и Торес ќе ги заменат некои нови играчи.
Со повредата на првиот центарфор Диего Коста, логично беше повик да добијат Ариз Адуриз од Билбао или Фернандо Љоренте од Јувентус, но Дел Боске се одлучи за 19-годишниот Мунир Ел Хадади, кој летово дебитираше во првиот состав на Барселона.
„Мунир веќе го има потребното искуство да игра на повисоко ниво. Тоа го докажа во младинската селекција", изјави Дел Боске веднаш откако го повика Ел Хадади.
Таткото на Мунир е Мароканец, а мајка му е од Шпанија, така што вундеркиндот можеше да бира за која земја ќе игра. Во ситуација кога Шпанија е светска фудбалска сила, а талентираниот Мунир е роден на Иберискиот полуостров, тој го одбра дресот на „црвената фурија".
Пред само 7 месеци играше во младинските категории на Барселона, а во Б тимот на Каталонците имаше 11 настапи, од кои 4 пати како стартер. Луис Енрике летово го прекомандувал во првиот состав, а тој му врати со гол на отворањето на Примера. Од почетокот на првенството, досега Мунир одигра 122' минути за Барса.
Мунир има две европски првенства како репрезентативец на Шпанија до 19 и до 21 година, по што Мароко изрази голема желба тој да заигра за земјата од каде доаѓа негобиот татко.
„Ми кажа дека не знае што да прави, а јас го советував да ја одбере репрезентацијата која прва ќе го повика. Шпанија се јави и Мунир реши да игра во земјата каде е роден. Да се јавеа порано од мароканскиот сојуз, сигурно дека ќе го прифатеше нивниот повик. Искрено, мојата желба беше тој да игра за Мароко", изјавил татко му на Мунир, Мохамед Ел Хадади за шпанското радио Онда Черо.
На 8. септември, во дуелот против Македонија, Мунир влезе во игра во 77' минута кога го замени Коке.