Исто како и пред четири години во Пекинг, заради згуснатиот распоред игрите започнаа и пред официјалниот старт на Олимпијадата, па така веќе втор ден се играат фудбалските натпревари. По жените, денес на ред беа мажите.
И веднаш почнаа изненадувањата. Растрчаните Јапонци ги надиграа Шпанците чија репрезентација е бледа сенка на онаа „фурија" од сениорското и младинското Европското првенство.
Стрелец на единствениот гол беше Јуки Отсу во 34-та минута, но мотивираните Јапонци можеа да победат и со поголема разлика. Сепак тие не реализираа уште некоја од шансите кои лесно ги креираа откако Шпанија остана со играч помалку по исклучувањето на Мартинез во 42-та минута.
Големо изненадување приреди и репрезентацијата на Сенегал која и покрај водството на домаќинот уште од 20-та минута со голот на Белами, успеа да израмни на осум минути до крајот. Британците на овој натпревар упатија само еден удар во рамките на противничкиот гол.
На другиот натпревар од групата А, блиску до изненадување беше и репрезентацијата на Обединетие Арапски Емирати кои први поведоа против Уругвај, но шампионот на Јужна Америка направи пресврт со прекрасниот погодок на Рамирез и голот на Лодеиро.
Бразилците одиграа одлично прво полувреме во кое со головите на Рафаел, Дамијао и Нејмар стекнаа висока предност, а во второто полувреме се опуштија и му дозволија на Египет само да намали за конечни 3:2.
Група А:
ОАЕ – Уругвај 1:2 (1:1)
Матар 23 - Рамирез 42, Лодеиро 56
Велика Британија – Сенегал 1:1 (1:0)
Белами 20 - Конате 82
Група Б:
Мексико – Јужна Кореја 0:0
Габон – Швајцарија 1:1 (1:1)
Аубамејанг 45 - Мехмеди 5п
Група Ц:
Белорусија – Нови Зеланд 1:0 (1:0)
Бага 45
Бразил – Египет 3:2 (3:0)
Рафаел 17, Дамијао 26, Нејмар 30 - Абутреика 52, Салах 76
Група Д:
Хондурас – Мароко 2:2 (0:1)
Бенгтсон 56, 65 – Барада 39, Лабјад 67
Шпанија – Јапонија 0:1 (0:1)
Отсу 34