Дали допингот имаше голема заслуга за успесите на Шпанците во сите спортови?
Џузепе Капуа, претседателот на анти-допинг агенцијата при Фудбалската асоцијација на Италија, го искажа својот сомнеж за доминацијата на Шпанија во фудбалот, потенцирајќи дека тие веќе не се толку убедливи откако се откри скандалот со докторот Еуфемиано Фуентес.
Шпанскиот „доктор допинг" заработи затворска казна од една година откако се откри дека тој допингувал повеќе велосипедисти, а тој самиот потврди дека соработувал и со други спортисти, помеѓу нив и фудбалери.
Во рацијата на неговата клиника беа пронајдени 200 кесички со крв на кои имало кодирани имиња на спортисти, но беа откриени имињата само на велосипедистите кои се вкупно 54.
Светската анти-допинг агенција побара да им се дозволи да ги испитаат останатите примероци, но судот во Шпанија донесе одлука тие да бидат уништени без да се потврди на кому тие му припаѓаат.
„Можеби е коинциденција, но Шпанија не победува многу често во последно време", изјави Капуа, алудирајќи на недоминантноста на шпанските клубови во европските натпреварувања, како и неуспехот на репрезентацијата на Олимписките игри минатата година.