Шмекот на миланското дерби

Годинава во Серија А не само што се игра топ фудбал, туку и стадионите се полни како ретко кога во последните неколку сезони. Тифозите прават прекрасни изданија на трибините.

На миланското дерби кое понуди 6 гола и тотален пресврт на Интер 4-2 од 0-2, навивачите зад двата гола направија интересни кореографии.

Приврзаниците на Интер спружија банер по целата северна трибина (Curva Nord) на која стоеше Свети Амброзиј како го совладува ѓаволот (симбол на навивачите на Милан меѓудругото).

На натписот на банерот пишуваше Vipereos mores non violabo (Не го предавам заветот на змејот). Оваа фраза е поврзана со династијата Висконти од Милано чиј амблем подоцна стана дел од грбот на Интер.

Навивачите на Милан од јужната страна (Curva Sud) прво извадија еден банер со поп-арт стил на кој се гледаше девојка како зборува на телефон со натпис: „Бла! Бла! Бла! Интериста алапача“

Во ултрас светот, обвинението за „оговарање, озборување, кодошење, дрдорење“ најчесто означува ситуации во кои едни ултраси соработуваат со службите за безбедност за некои епизоди или ситуации во кои биле инволвирани други групи и со тоа го кршеле кодексот на ултрасите.

Поради ова, во текот на мечот навивачите на Милан кренале уште пар пароли на сметка на Интеристите: „Da Boys San a Backstreet Boys...e' un attimo“ - „Од Бојс Сан до Бекстрит Бојс кратка е линијата“ и „Per entrare in Curva Nord Milano, dress code e timbra sulla mano?“ („Да влезеш кај Курва Норд Милано, треба дрес код и жиг на рака“).

Пред почетокот на мечот навивачите на Милан го искористија моментот кога рефлекторите и другите светла на стадионот беа изгасени за најава на дербито, па со мобилните телефони осветлија зборови INTER MERDA која не е нужно да се преведе.

Интеристите одговорија со парола:

„Подобро Кинез за претседател отколку некој што не доаѓа ни на крај на месец“

 

10 февруари 2020 - 09:29