Откако италијанскиот фудбалски шампионат се игра со 20 клубови (сезона 2004/2005) не се случило шестмина фудбалери да стигнат до 20 голови за една сезона. Овој подвид е нов рекорд за Серија А.
Творците се Џеко 27, Белоти 25, Игуаин 24, Икарди 24, Мертенс 24 и Имобиле 22, шестмината напаѓачи на Рома, Торино, Јувентус, Интер, Наполи и Лацио кои се во битка за признанието најдобар стрелец на сезоната.
Претходно најголем број на играчи кои успеале да стигнат до цифра од минимум 20 гола во иста сезона се случило во сезоните 2004/2005: Лукарели, Џилардино, Монтела и Тони, 2010/2011: Ди Натале, Кавани, Ето и Метри и 2011/2012: Ибрахимовиќ, Милито, Кавани и Ди Натале.
Мината сезона само брилијантниот Игуаин кој стигна до 36 гола беше единствениот кои ја мина границата на 20 гола.
И покрај одличната голгетерска форма на волку голем број на напаѓачи, тешко дека Златната копачка ќе оди кај најдобриот стрелец од Серија А, награда која последен пат ја освои Тоти пред точно 10 години.
Џеко има 27 гола, а според коефициентот на УЕФА тоа се 54 бода, два бода помалку од Левандовски и Обамејанг кои имаат по 28 гола, како и Бас Дост кој има 31 гол односно 62 бодови.
Најблиску до признанието кое во 1991-ва го освои Дарко Панчев е Лионел Меси кој во моментов има 35 гола односно 70 бодови. Само два гола помалку од него има Кавани, но со оглед на тоа што головите во Лига 1 вредат по 1,5 бодови, тој нема 64, туку 49,5 бодови.
Кога сме кај италијанските напаѓачи, викендов во Серија А гол постигна напаѓачот на Сасуоло Пјетро Јемело. Тоа за него е само втор погодок во Серија А, но јубилеен 1000-ти оваа сезона.
Во меѓувреме викендов головите во Серија А стигнаа до бројка од 1.008, а тоа значи дека на повидок е уште еден рекорд. Од 2004/2005, значи броиме од кога има 20 екипи, само три пати е стигнато до 1000-ка. 2012/2013: 1.000 гола, 2014/2015: 1.024 и 2013/2014: 1.035.
Со оваа форма на напаѓачите, како и натпреварите од типот Лацио – Сампдорија 7:3, сосема неизвесно е дека во последните три кола ќе го надминат рекордот од 1.035 погодоци во една сезона.