Титулата ја доделува вебстраната на неофицијалното Светско фудбалско првенство (UFWC) во стил на боксерските титули, односно победникот на натпревар за светската титула станува неофицијален светски шампион.
Се започна со првиот интернационален фудбалски натпревар во 1872-та година помеѓу Шкотска и Англија. Натпреварот заврши без голови, па за првата титула одлучи дуелот помеѓу истите репрезентации следната година кој Англичаните го добија со 4:2 и тие станаа први неофицијални светски фудбалски шампиони.
Во наредните неколку години натпревари помеѓу себе играле повторно само Шкотска и Англија и титулата ја добивал победникот на секој натпревар.
Од тогаш па до денес се одиграле околу 800 натпревари за светската титула, а таа сменила вкупно 42 носители.
Најмногу победи на ваквите натпревари има Шкотска (86), пред Англија (73), Аргентина (51), Холандија (49) и Русија (41), а Бразил е на 6-та позиција со 29 победи.
И Македонија имаше една шанса да стане неофицијален светски шампион. Во 2009-та година таа титула ја поседуваше репрезентацијата на Холандија и со нив се сретнавме во рамките на квалификациите за Светското првенство, но загубивме со 4:0.
Холандија ја чуваше титулата се до финалето на Светското првенство во 2010-та година кога загуби од Шпанија. Неколку месеци подоцна Шпанија беше поразена од Аргентина, но веќе на следниот натпревар Аргентина беше поразена на пријателскиот дуел од страна на Јапонија.
Јапонците беа неофицијални светски шампиони се до 15 ноември 2011-та година кога во квалификациите за Светското првенство загубија на гостувањето во Пјонгјанг со 1:0 и репрезентацијата на Северна Кореја стана неофицијален светски шампион.
Северна Кореја во моментов се наоѓа на 99-та позиција на ФИФА ранг листата и во меѓувреме одигра 12 натпревари, но веќе цела година никој не успева да ги симне од тронот.