Асим Ферхатовиќ е роден во 1933 година во Сараево, во населбата Ковачи каде уште од мал почнал да игра фудбал на маалското игралиште.
На 15 години почнува со тренинзи за младинците на ФК Сараево и од тој момент почнува неговата сјајна кариера.
Во месец ноември 1951-ва Хасе дебитира за првиот тим на екипата со препознатливи бордо дресови, против Челик во Зеница кога Сараево победило 0:3.
Веќе во мај следната '52-ра против Црвена звезда во Белград го запишал и првиот настап во првенството на Југославија, а првиот гол го прославил во 1953-та против Загреб (2:1).
Хасе набрзо станува најдобар играч на Сараево и во 1961-ва добива повик за репрезентацијата на Југославија за која одиграл само еден меч и тоа во квалификациите за Светско првенство против Јужна Кореја на стадионот ЈНА во Белград на 8 октомври 1961-ва.
КАКО ГО СТЕКНАЛ СТАТУСОТ НАЈГОЛЕМА КЛУПСКА ЛЕГЕНДА?
Во 1963-та Хасе Ферхатовиќ прави голем трансфер во гигантот Фенербахче, ама само еден месец подоцна, Будо Вуковиќ, секретар на Сараево му се јавува да му каже дека имаат проблеми пред мечот со градскиот ривал Жељезничар.
Хасе се враќа во главниот град на БиХ, се регистрира за родниот клуб и за неколку дена добива право да игра во дербито во кое Сараево слави голема победа.
Во сезоната 63/64 станува најдобар стрелец на Првата југословенска лига, а една година подоцна го води Сараево до второ место во исклучително силното првенство.
Во 66/67, историската шампионска сезона за Сараево, запишува 8 настапи а на 16 октомври 1967 за последен пат го носи дресот на омилениот клуб, на Кантрида против Ријека кога после 15 минути игра излегува од терен поради повреда.
На 25 јануари 1987-ма починал во Сараево од срцев удар.
Познатиот сараевски бенд „Забрањено пушење“ во негова чест ја снима песната „Недјеља кад је отишо Хасе“ која станува голем хит. Стадионот „Кошево“ во Сараево веќе неколку години го носи називот „Стадион Асим Ферхатовиќ-Хасе“.