Седлоски повика 28 играчи за Лига на нации меѓу кои четворица дебитанти

Македонската фудбалска репрезентација ќе се соочи со најтешкиот предизвик во Лига на нации. Дел е од Б дивизијата. Ја чека пеколен распоред од четири натпревари во 11 дена.

Селекторот Гоце Седлоски ќе има исклучително густ распоред, со четири натпревари во периодот од 26 септември до 6 октомври. Токму затоа се реши за поширок список, кој треба да му овозможи поголем простор за ротација.

На списокот се најдоа 28 фудбалери, меѓу нив четворица дебитанти. Анес Мељичи од Шкендија, Ѓорѓе Џеков од Силекс, Матеј Гаштаров од Црвена Звезда и Христијан Малески од Струга Трим Љум. Поради повреда натпреварите ќе ги пропушти дефанзивецот на Левски Софија, Никола Серафимов.

По пауза од четири години во националниот дрес се враќа Марио Младеновски по добрите настапи во дресот на Вараждин.

„Можам да ветам добра игра, максимално пожртвувано издание на репрезентацијата, борба за секоја топка и желба да се оствари добар резултат против навистина силни репрезентации во Лигата на нации. Првпат ќе имаме предизвик да играме четири натпревари во серија и едвај чекам да ги видам фудбалерите. Ќе имаме пет тренинзи до првиот меч против Швајцарија, кој секако ни е прв во фокусот. Сакам да ги споиме младоста и искуството и да оформиме еден нов тим за наредните неколку години“, рече селекторот Гоце Седлоски.

Селекторот очекува дека Македонија може да биде конкурентна и против силни европски селекции.

„Мораме да оставиме срце на терен, да не се плашиме, да бидеме концентрирани и да не паѓаме кога ќе примиме гол. Мора да покажеме дека можеме да бидеме конкурентни и против силни европски селекции. Верувам дека ќе успееме да бидеме и ефикасни во овој циклус“, додаде селекторот.

Македонија првиот натпревар го игра дома со Швајцарија (26.09), потоа гостуваме во Словенија (29.09), па ја пречекуваме Шкотска (03.10) и прозорецот го затвораме со гостувањето на Швајцарија на (6.10).

Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски соопшти дека до сега за мечот против Швајцарија се продадени 5.000 влезници. Најевтината карта е 500 денари.

16 септември 2026 - 12:07