Се земало мито и за СП Франција 1998

Поранешниот член на извршниот комитет на ФИФА, Американецот Чак Блејзер е клучниот човек на ФБИ во истрагата за корупцијата. И самиот Блејзер призна дека добил мито за да го даде својот глас.

Со заминувањето на Сеп Блатер и стеснатиот круг околу неговите најблиски соработници во Цирих, клучниот информатор на ФБИ во истрагата се отворил и раскажувал за шемите на корупција за организација на Мундијалите во Франција 1998. и Јужна Африка 2010.
 
На 40 страници, Чак Блејзер признава дека прифатил мито со цел да гласа и да ја турка кандидатурата на Јужна Африка за домаќинство на Мундијалот пред пет години. Блејзер сведочел и како земал мито за тоа Франција да биде домаќин на Светскиот Куп.
 
Тогаш сериозен противкандидат на Франција беше Мароко, кој имаше големи шанси да го добие домаќинството. Лобирањето за Франција почнало уште во 1992. година, а организацијата ја водел сегашниот прв човек на УЕФА, Мишел Платини.
 

Блејзер открил дека се земало мито и корупција за организирање на Конкакаф Голд Куп во 1996, 1998, 2000, 2002 и 2003. Конкакаф е шампионат на кој учествуваат земјите од Северна и Централна Америка и е еквивалент на Европското првенство на континентов.
 
Сведоштвото на Блејзер открива и други членови на Извршниот комитет на ФИФА на кои им паднала „секирата во медот“ и примале мито. Инаку Блејзер стана познат по неговиот долгочасовен состанок со Владимир Путин во неговиот стан во Менхетен, за кој пишуваше Њујорк Тајмс минатата година.