Сандро Рамирез е најновото од Барселона. Ја почна својата кариера во Лас Палмас, градот во кој е роден во 1995-та година. Во 2009-та година неговото име се нашло во тефтерот на Хуан Карлос Буено, заменик директор на „Ла Масија", кој по секоја цена сакал да го претрка Реал Мадрид во обидот да го купи малиот Рамирез.
Целата зделка ја завршил Алберт Бенаигес, поранешен тренер во школата на Барселона а сега во Лас Палмас, по што Сандро Рамирез од сезоната 2009/10 се најде во тренинг кампот „Жоан Гампер".
Сандро Рамирез е висок 1,75 сантиметри, со физичките предиспозиции одговара на играта на каталонскиот тим. Минатата сезона, за Б тимот на Барса, младиот Рамирез настапи на 13 средби и постигна 7 гола во Сегунда Дивизион.
Рамирез го постигна дебитантскиот гол против Виљареал на гости во второто коло а досега забележа два настапи во првите 4.кола, вкупно одигра 32 минути (20 против Виљареал и 12 против Билбао). Со оглед на тоа што Луис Енрике има договор со Барселона до 30-ти јуни 2017-та година, за очекување е младите талентирани фудбалери да добијат уште повеќе простор за докажување.
Без никаква носталгија кон „тики-таката" на Гвардиола, која на Барса ѝ донесе 14 трофеи, Луис Енрике реши повеќе простор да им даде на помладите играчи, така што Чави сè почесто е на клупата, а на негово место игра Рафиња, кој лани беше во Виго со Енрике.
Освен Рафиња и Сандро Рамирез, новo лицo на „Камп Ноу" е и Шпанецот со мароканско потекло Мунир Ел Хадади (роден 1995. година), кој веќе дебитираше за сениорскиот состав на Шпанија. Енрике одлично ја почна сезоната. Барселона стартуваше со 3/3 во Примера, 9 бода, 6 постигнати гола и ниту еден примен. Квалитетниот фудбал и понатаму е култ на „блауграна", која очекува успешна „берба" на трофеи годинава.
Голманот Клаудио Браво сè уште не е совладан, а пред него во одбраната одлично играат Маскерано и Матје како централни дефанзивци и Монтоја (продукт на „Ла Масија) и Жорди Алба како странични бекови. Бускетс, Ракитиќ и Иниеста го носат средниот ред во формацијата 4-3-3, во која нападот го предводат Меси, Нејмар и младиот Мунир Ел Хадади.
Најчесто од клупата влегуваат Педро и Сандро Рамирез, кои го користат својот простор до 26-ти октомври, кога Луис Суарез ќе стапи на сцена.
Фудбалската школа на Барселона, освен добри резултати, му донела и голем профит на клубот, особено ако се знае дека Тиаго Алкантара (Баерн Минхен) и Цеск Фабрегас (Челси) заминаа за големи суми.
Како предводник на новата генерација млади фудбалери во Барселона, Мунир Ел Хадади најзаслужен за трофејот во младинската ЛШ лани каде во 704 минути постигна 11 гола. Мунир го постигна и дебитантскиот гол во Примера, кога Барса во првото коло му даде 3 гола на Елче.