Повеќето трети голмани оваа функција ја вршат во позни години, пред крајот на своите кариери, но има и такви кои речиси цел живот „чмаат“ на клупата за резерви и се надеваат дека бар некогаш ќе добијат шанса наместо првиот и вториот избор.
Поранешниот репрезентативен голман на Англија, Роберт Грин за БиБиСи спорт објаснува каков е животот на третиот голман во тимот. Грин е трет избор во Челси. Тој на „Стемфорд Бриџ“ дојде во јули 2018 на 38-години и потпиша едногодишен договор откако замина од Хадерсфилд каде исто беше трет голман во сезоната 2017/2018.
Грин сезонава нема ниту еден настап, затоа што неприкосновен меѓу стативите е најскапиот голман на светот, Шпанецот Кепа Аризабалага, а втор избор е Аргентинецот Вили Кабајеро кој бранеше во Манчестер Сити и Малага.
„Мојот придонес не е таков каков што сакам да биде, но тоа беше ставено до знаење уште од старт. Ако сите голмани се здрави, таква ми е улогата. Не можам да се пожалам зошто точно за тоа дојдов“, почнува Грин.
Тој вели дека парите никогаш не биле фактор во одлуката да дојде во Челси и често да не биде ниту на клупата.
„Некој ми се јави на стартот на сезоната и ме праша сакаш ли да потпишеш со Челси? Ниту во еден момент не реков колку даваат? Секако дека сакаш да бидеш платен, работа ти е тоа. Како и секој што оди во канцеларија. Мора да ја прехраниш фамилијата, но ниту во еден момент не беше клучен фактор“, раскажува ветеранот.
Грин во минатото бранеше во Премиер лигата за Норвич, Вест Хем и Квинс Парк Ренџерс. Вели дека во Челси дошол за да искуси врвен фудбал во Премиер.
„Ова е првпат во мојата кариера да не гледам во 40 бода (груба проценка дека толку треба за опстанок) и да мислам ’леле среќа успеавме’. Да се види како работат овие играчи беше прав инсајд“.
Грин имаше необичен пат затоа што скоро секаде и секогаш бил прв голман а го чуваше и голот на Англија на Светското 2010 година. Иако не брани воопшто покрај Кепа и Кабајеро.
„Има многу тактичка работа пред натпреварите, па генерално во вторник и петок повеќе тренирам како противнички отколку како голман на Челси. Има голема разлика. Мотивацијата за мечот во сабота ја нема. Се потпираш на себе за да најдеш причини за мотивација и да останеш во форма“, продолжува Грин.
„Целата работа е што тие не сакаат да мислат за менталната состојба на таму некој дечко кој нема да брани и дали тој ќе оди да фрли столица низ прозор. Физички е исто тешко. На терен си секој ден. Седум дена во неделата. Не е како кога имав 21. Сега имам 39 години и морам да бидам остар. Се уште е захтевна улога“, вели Грин.
Тој секогаш е дел од 25 играчи кои се пријавени на натпреварите од Премиер лигата и патува на „секој меч“.
„Одам на сите состаноци, исто пред натпреварите се загревам и помагам на секаков начин, па дури ако треба и собирам топки, бранам шутеви или центаршутеви.
Понекогаш кога играчите се спремни да истрчаат на терен, ти често си сменет од некој за на клупата, па така на гостувањата си земам чај и одам да седнам на трибините“, искрено го споделува самскиот живот на третиот голман, Роберт Грин.
Тој тврди дека не се опушта и релаксира дури ни на трибините од каде има поинаква перспектива на средбата и им прави фид-бек на тренерите во анализите после натпреварите.
„Гледаш нешта кои играчите и стручниот штаб не можат да ги видат на теренот. Околу фудбалот сум подолго време и знам многу за него, така што ако имам мислење а не го споделам ќе биде како губење време. Поарно да дадам некој совет зошто веќе сум тука“.
Вели дека најголема желба му била да го земе син му и да го однесе на Вембли и на Стемфорд Бриџ за да види како функционира клуб како Челси.
„Фудбалот влезе во животот на син ми кога имаше шест или седум години и од тогаш е вљубен во фудбал. За него е неверојатно што татко му е дел од Челси“, заклучува третиот голман на „Сините“ кој бранел само на пар пријателски пред почетокот на оваа сезона. Во кариерата има вкупно 634 натпревари и огромно искуство зад себе.
За репрезентацијата на Англија има 12 настапи. Што се однесува до првиот и вториот избор, Кепа Аризабалага сезонава бранел 42 пати а Кабајеро 8.