Само Бенитез го бива за вакви рекорди

Реал Мадрид го совлада Малме со 8:0, а пред 8 години и Ливерпул го совлада Бешикташ со 8:0. Ова е рекордна победа во новата ера од Лигата на шампионите, која му припаѓа само на еден тренер.

Колку и да го тролаат дека не e баш добар стратег и игра дефанзивно, Рафа Бенитез може да се пофали со двете најголеми победи во Лигата на шампионите. На 6 ноември 2007 година Ливерпул под негово водство со головите на Крауч (2), Бенајун (3), Џерард (1) и Бабел (2) го наполнија Бешикташ на Енфилд Роуд.

По 8 години шпанскиот стратег го повтори овој рекорд со Реал Мадрид, а Кристијано Роналдо и Карим Бензема станаа првите двајца играчи кои постигнале по минимум три гола на ист натпревар во Лигата на шампионите. 

Претходната најголема победа во ова натпреварување Реал ја оствари против Генк од 6:0 во септември 2002 година.

Кога ова елитно натпреварување го носеше името Европски куп, Реал Мадрид на 24 октомври 1990-та го совлада Вакер Инсбрук од Австрија со 9:1, а како најголем триумф го сметаат оној против данскиот тим Болдклубен 1913 од 9:0, на 25 октомври 1961 година.

9 декември 2015 - 00:44