Руски јок за подготовките во Анталија

Повеќе од 1.000 клубови секој јануари и февруари се подготвуваат за вториот дел од сезоната на брегот на Медитеранот во Турција, но најбројните сега ќе менуваат маршрута.

Стандардните извештаи од зимскиот преоден рок најчесто носеа фотографии од Анталија, турскиот град каде се подготвуваат голем број екипи. Турција годишно има преку 5 милиони туристи од Русија, но по трагичниот настан со урнатиот руски авион на границата меѓу Турција и Сирија, во кој загинаа руски пилоти, неколку туристички агенции од Русија решиле да не ја нудат Турција како опција.
 
Руските клубови Ростов и Амкар кренаа раце од зимски подготовки во Турција.
„Имаме нова ситуација, го слушавме говорот на претседателот Путин и доколку Турција биде под блокада ќе избереме друга опција. Најверојатно ќе одиме во Кипар“, изјави претседателот на Ростов, Александар Шикунов за руска Газета.
Според истиот лист и Амкар од Перм, како и Крилја Советов се клубови кои се одлучиле за план Б, односно Кипар или Австрија. Клубовите од балканскиот регион најчесто зимно време исто одат во Анталија или Кипар. Анталија е град познат по огромните хотелски комплекси со голем број спортски терени. Фудбалските екипи таму ги имаат најдобрите услови за одржување зимски подготовки, со оглед на тоа што температурата на Медитеранот е далеку повисока во зимскиот период од годината, за разлика од останатите европски градови.
 
Во меѓувреме УЕФА соопшти дека нема да ги разделува Турција и Русија за време на ждрепката за ЕП (12. декември), што значи дека овие селекеции може да се паднат во иста група на континенталното првенство кое ќе се игра од јуни до јули следната година.
25 ноември 2015 - 09:54