За разлика од втората и третата лига, руската Премиер лига нема големи финансиски проблеми. Зенит ја преброди зимата со сите фудбалери, не продаде ниту еден, а го ослабна омразениот ривал Спартак Москва со тоа што им го купи напаѓачот Артем Џуба, кој го позајми во Ростов. Спартанците останаа уште и без Коста, Бокети и Широков.
Ослабната е и ЦСКА Москва, која го позајми Сејду Думбија во Рома и ќе се бори со Динамо Москва и Краснодар за второто место кое води во ЛШ. Зенит е неприкосновен, но зад него од второ до десетто место бодовната разлика е само десет поени.
Третиот московски клуб, Локомотив го продаде најдобриот фудбалер, Даме Н'Доје во Хал Сити но претседателката Смородскаја се одлучи на негово место да го купи Петар Шкулетиќ од Партизан. Амбиции за место кое води во Европа имаат уште и Рубин Казан и Кубан Краснодар.
Рускиот Куп стигна до полуфиналето, каде ќе играат Кубан - ЦСКА Москва и второлигашот Газовик Оренбург - Локомотив Москва.
Руската Премиер лига ја сочинуваат 16 клубови: Амкар Перм, Арсенал Тула, Цска Москва, Динамо Москва, Краснодар, Кубан Краснодар, Локомотив Москва, Мордовија Саранск, Ростов, Рубин Казан, Спартак Москва, Терек Грозни, Торпедо Москва, Уфа, Урал и Зенит Санкт Петерсбург.
Во првото коло, одиграно минатиот викенд, Зенит го совлада Урал 3:0 со хет-трикот на Хозе Рондон. Победа славеше и ЦСКА Москва 1:2 на гости против Терек Грозни со двата гола на Ахмед Муса. Фаворитската улога ја оправда и Динамо Москва 3:1 против Уфа. Спартак Москва се лизна против Краснодар и загуби 3:1 на гости.
Што се однесува до втората лига, најстар клуб од Санкт Петерсбург кој игра во дивизијата е Динамо, екипа која неколку пати згаснуваше, за повторно да се роди во 2003 година како сенка на гигантот Зенит. Сепак, Динамо во моментов е последен во втората лига и е пред испаѓање во понизок ранг. Иронично главен фаворит за влез во елитното друштво е некогаш најбогатиот европски клуб а сега скромен второлигаш, Анжи Махачкала. Покрај Анжи, кандидат за чекор погоре е и Том Томск.
Втората лига можеби ќе се игра без Шакалин (остров на крајниот исток на Русија) и Кимки Џерзинск. Како и со Динaмо Петерсбург, така и фудбалерите на Кимки не земале плата од ноември, по што играчите одбиле да го започнат првенството. Втората руска лига брои 18 клубови, но дури кај седум од нив е откриено незаконско работење и се под забрана за регистрација на фудбалери, поради неисплатени обврски.
Клубовите од анексираниот полуостров Крим не добија дозвола од УЕФА да играат во руските лиги, но европската фудбалска унија им вети помош при основање на нивно натпреварување.