Пред судот во Мадрид денеска имаше огромна гужва составена од многу новинари и фоторепортери, бидејќи се појави најдобриот стрелец во историјата на Реал Мадрид со 451 гол.
Кристијано Роналдо пристигна со својата сопруга, а за тоа колку е моќен, говори фактот што беше присутен на судско рочиште кое траело само 15 минути.
Шпанските власти го товареа за кривично дело затајување на данок, кое го извршил во периодот од 2011-та до 2014-та година.
Откако судот му изрече затворска казна од 23 месеци, тој ја прифатил вината и за да ја избегне казната се согласил да плати речиси 19 милиони евра казна.
Според законите во Шпанија оној што има направено ненасилно криминално дело со затворска казна до две години, може да ја компензира со соодветен финансиски надомест.
Ѕвездата на Јувентус неодамна се изјасни за виновен со што ја прифати одговорноста, а тоа придонесе судот да му изрече помала затворска казна која може да биде отслужена условно.
Роналдо достави две барања до судот кои му беа одбиени. Првото, место да оди до Мадрид, на судењето да го вклучат преку видео, а второто да му дозволат да влезе со кола во судската зграда за да ги избегне камерите.
Тој не е прв фудбалер од познатите кој си ја има платено слободата на ваков начин. За затајување данок беше обвинет и Меси, а инаку Роналдо на суд се сретна и со неговиот поранешен колега Чаби Алонсо.