Рома го претстави новиот Колосеум

Делегацијата на Рома му го доставила проектот за новиот стадион на градоначалникот на Рома. Според Тоти тоа ќе биде модерен Колосеум и најубав стадион во Италија.

Досието за планот на новиот стадион на Рома има 800 страници, на кои детално се опишува изградба на нова спортска Арена во Рим. Капацитетот на стадионот би бил до 52.000 седишта и би можел да се прошири до 60.000 места.
„За 6 месеци ќе имаме слободен пат и верувам средена документација. Нашата цел е да почнеме со изградбата до крајот на годинава, а за завршување на стадионот ќе требаат 22 или 24 месеци. Во секој случај, за да се натпреваруваме со најголемите европски клубови имаме потреба од наш стадион“, изјави претседателот на Рома, Џејмс Палота.

Изградбата би изнесувала околу 1 милијарда евра, од кои 300 милиони евра би отишле за инфраструктурна поврзаност на стадионот со аеродромот Фиумичино и главните автобуски и железнички станици. Проектот го дизајнирал архитектот Даниел Либескинд.
„Нашиот Рим ќе има стадион кој ќе го претставува светот, како што заслужува нашата историја. Ќе биде нашиот модерен Колосеум, каде сите наши навивачи и спортисти ќе може да уживаат во спортскиот спектакл“, изјави капитенот Франческо Тоти, а воодушевени од проектот беа и Даниеле Де Роси и Руди Гарсија.
Италијанската јавност скептично гледа на целиот проект, особено поради бирократските тешкотии во кои Италија е меѓу првите во Европа. Од друга страна, целиот проект го поздрави Андреа Ањели, претседателот на Јувентус кој изјави дека се надева на што поскоро гостување на неговиот Јуве на модерниот Колосеум во Рим. Старата Дама е првиот фудбалски клуб кој изгради свој стадион и не зависи од општината, ниту од градот, како што зависат речисите сите стадиони на Апенините.
 
Еве како би изгледал новиот стадион на Рома:
15 јуни 2015 - 14:21