Ривер ја доби Бока и влезе во финале на Судамерикана

Милионерите пред само 3 години играа втора лига, а денес се на чекор од титулите во Копа Судамерикана и домашната Апертура. Во 16. секунда од натпреварот Бока Јуниорс доби пенал, но Гиљоти не го искористи, по што Ривер славеше на домашен терен против Бока после 4 години.

Промашен пенал, седум жолти и еден црвен картон во судиското продолжение, шанси, дуели, стартови. Суперкласико синоќа го оправда епитетот најбурно дерби на светот, а пласман во финалето на второто по големина натпреварување во Јужна Америка оствари домаќинот Ривер Плата.

Првиот натпревар минатиот четврток се играше на Ла Бомбониера и заврши 0:0, по што Ривер со минимална победа во реваншот, се пласираше во финалето. Во 16. секунда од натпреварот Бока Јуниорс доби пенал, но Гиљоти не го искористи, поточно голманот на Ривер Бароверо одбрани, по што настана лудило на Монументал. На центарфорот на Бока му светеа со ласер при изведувањето.

По тој момент, Бока имаше уште неколку шанси, но на Гиљоти не му успеа она што му успеа на Лео Пискуличи во 16. минута. Ривер поведе 1:0 а камерите се тресеа од прославата на голот на Монументал. До крајот, се повреди Фернандо Гаго а Дијас од Бока доби црвен картон поради намерен фаул во судиското продолжение. Тоа беше прва победа на Ривер во дербито по 4 години.

Во финалето на Копа Судамерикана, Ривер Плата ќе игра против Атлетико Национал од Колумбија, а првиот натпревар се игра на 3. декември во Меделин. Реваншот е на 10. декември во Буенос Аирес. Колумбијците пред 2 дена го совладаа Сао Пауло 4:1 на пенали во првото полуфинале.

Ова е прв триумф за Ривер против Бока во Јужно-американските купови по цели 11 години. Комшискиот ривал Бока им беше табу тема во 1994. година, 2000. и 2003 во Копа Либертадорес. Вечните ривали годинава одиграа 8 меѓусебни средби (пријателски и официјални), Ривер Плата има 4 победи, а 4 натпревари завршија нерешено.

28 ноември 2014 - 11:25