„Dinamo specijal, dovidzenja, a ne zbogom“ се вика последното интервју на Адеми како играч на Динамо за официјалниот Јутјуб канал на клубот. Веќе не знаат како да му се заблагодарат за секоја капка пот во изминативе 13 години.
„Капитен, лидер, авторитет, фудбалски маестро и една од најзначајните личности во историјата на Динамо, Аријан Адеми, во неделата на Максимир ја заврши својата играчка кариера по речиси 13 години минати во својот омилен клуб. Капа доле капитену, ти благодариме за импресивните бројки, одличните резултати, силната енергија, труд, емоции и ентузијазам во дресот на Динамо.Ти благодариме што ја градеше златната историја на клубот и нека те следат насмевки и среќа насекаде“, стои во најавата.
Почнува бомбастично со моменти од неговите битки на терен, а завршува со величеството испраќање на последниот меч против Ријека.
На почетокот на интервјуто му пуштија пораки од Ристовски, Ливаковиќ, Петковиќ, Оршиќ, како и од поранешните соиграчи Ковачиќ и Брозовиќ.
Адеми беше преполн со емоции. Се расплака на пораката на Ковачиќ, а се насмеа кога се појави капитенот на Македонија
„Ќе се обидам да завршам што побрзо, затоа што ми доажаат многу емоции. Не прекинуваш со фудбалот, туку одиш во Кина. Знаеш колку те сакам, не знам од каде да почнам, сè ти зборувам од срце. Не сакам да бидам емотивен затоа што знам што за тебе значи Динамо. Не само тебе, туку на сите нас. Кога ќе го вратам филмот, минале многу легенди, но мислам дека ти си еден Адеми и ќе останеш икона на овој клуб. И кога беше најтешко, ти беше тука. Бев со тебе кога падна на тој допинг и кога го постигна првиот гол после паузата. Минавме многу заедно. Ти посакувам многу среќа и се надевам дека ќе се видиме во репрезентацијата. Ти знаеш колку ми значиш и виновник си што сум дел од овој клуб и што го носам овој дрес. Ти ветувам дека ќе се борам и понатаму и ќе ги бранам боите на овој клуб како тебе“, рече Ристовски.
„Аки брате мој. Мило ми е што можев да бидам дел од твојата величествена кариера во Динамо и што можам да те наречам пријател. Знам колку ти значи Динамо и дека нема да ти биде лесно да го напуштиш. Покажа како треба да изгледа капитен на Динамо, секогаш си бил борбен и си имал страст. Ти благодарам што на помладите им покажа како треба да се однесуваат на теренот, но и надвор од него. Се надевам дека наскоро ќе се видиме“, беше пораката од Ковачиќ.
За допингот
„Тоа беше голем шок за мене. Тогаш бев со репрезентацијата на Македонија. Селекторот ме повика и ми ги кажа тие навистина ужасни вести за мене. Најтежок период за мене во животот кога морав да се борам за да ја докажам мојата вистина. Паузирав две години, а се вратив на мечот Македонија – Лихтенштајн кога бев и стрелец. Се чувствував одлично во тие моменти“.
Разликата кога играл против Модриќ и Роналдо.
„Имав двапати поголема трема кога од другата страна на теренот се наоѓаа Модриќ или Манџукиќ, отколку кога играв на пример против Кристијано Роналдо“.
Најтрофејниот играч на Динамо го заврши интервјуто со голема желба.
„Ова не е збогум, туку пријатно. Се надевам дека еден ден ќе бидам тренер на Динамо и дека ќе освојам европски трофеј“.