Иако Луиџи Дел Нери кој важи за стратег кој негува офанзивен фудбал, и кој правеше чуда со тимот на Киево, во Торино имаше неуспешна мисија. Ако се вратиме само две сезони наназад, ќе забележиме дека Јувентус под негово водство заврши на 7 позиција на табелата во Серија А, но и доживеа елиминација во Лигата на Европа од полски Лех Познањ.
Прогресот на „Старата Дама" се случи многу брзо под водство на нивниот довчерашен играч Антонио Конте кој направи целосна пресвртница со „Бјанконерите" по само една година. Ако се направи рекапитулација на настаните за 2012, тоа дефинитивно е златната година за Јуве кој успеа да освои 94 поени во првенството без ниту еден пораз, повеќе од шампионската 2005 под водство на славниот Фабио Капело.
По очајната 2010/2011, тимот од Торино лани ја освои шампионската титула во првенството, оваа сезона е дефинитивно најсериозен кандидат за повторување на истиот успех, со 5 бода повеќе предност пред Лацио и Наполи. Згора на се направи огромен прогрес и на меѓунанародната сцена каде успеа да влезе во друштво на топ 16 екипи, елиминирајќи го европскиот шампион Челси во групната фаза.
Анализите покажуваат дека менувањето на тренерот и одличната политика на купување квалитетни, но и "гладни" играчи за успех си го направија своето. Под водство на Дел Нери Јувентус со 4 играчи во одбранбената линија на 38 меча прими 47 гола, а минатата сезона со тројца стопери прими само 20.
Шампионскиот состав на „Старата Дама" интересно е што е составен од играчи најмногу од Италија. На голманската позиција се разбира незаменлив е Џиџи Буфон кој имаше тешка сезона полна со повреди, но како негова замена одлично се снајде Сторари. Одбраната ја сочинуваат Бонучи и Кјелини, како и повратникот од Волсбург во Италија, Барцаљи. Сите тројца се италијански репрезентативци.
По страничните позиции на местото на Гросо и Мота, се најдоа Де Чеље и Лихштајнер, кој многу често се уфрлува по како офанзивен бек. Во средниот ред не остави голем белег надежниот Аквилани, а ниту Фелипе Мело. Во плановите на Конте отпадна и србинот Красиќ.
Фудбалерите кои се задолжени да ја организираат играта на Јувентус се предводени од маестралниот Андреа Пирло кој игра во топ форма, поддржан од Маркизио, Видал и Азамоа. Напаѓачката линија која слабо функционираше со Јаквинта, Трезеге, Амаури и Тони, сега доби друг изглед. Мирко Вучиниќ и Алесандро Матри се предводници во нападот, тука се е искусните Кваљарела и Пепе, а за место во нападот конкурираат и младите Џовинко и Погба.
Се разбира кога се менува составот во добра насока, пристигнуваат и резултатите кои се заслуга на новоизградениот тим на Јувентус, а интересно е што сите 12 играчи кои беа во составот на Дел Нери пред две сезони, си заминаа. Освен Соренсен кој е во Болоња, а Екдал во Каљари, останатите не се повеќе дел од Серија А.
Како на пример турска дерби пресметка сега имаат Красиќ и Мело кој настапуваат во Фенербахче и Галатасарај. Манингер брани во Аусбург, Сисоко се бори за место во ПСЖ, Трезеге отпатува во аргентинското првенство, а Григера и Салихамиџиќ се веќе пензионирани.
Антонио Конте кој беше голем "борач" во средниот ред на Јувентус до 2004 година има мало тренерско искуство. Успеа да го издржи притисокот на италијанските власти кои му направија претрес во домот поради наводна вмешаност во наместен натпревар како тренер на Сиена. На крајот доби 10 месеци суспензија, која потоа му беше намалена на 4, а тренерската кариера борбено ја продолжува и оваа сезона, на пат да се избори за уште едно Скудето.