Репрезентативен голман стана лидер на бунтовниците

Во нормални услови Абдел Басет Сарут, 20-годишен голман од Сирија, ќе се подготвуваше со својата репрезентација за настап на Олимписките игри во Лондон. Но тој се откажа од репрезентацијата и стана лидер на бунтовниците против претседателот Башар ал-Асад.

Абдел Басет Сарут беше еден од најталентираните и најбараните голмани во Сирија, но сега тој е еден од најбараните бунтовници со награда за неговата глава од околу 50.000 евра.

Како и секој млад спортист, Абдел Басет Сарут сонувал да игра на стадионот Вембли и тоа за време на Олимписки игри. Во нормални денови тој би се подготвувал со репрезентацијата на Сирија за претстојните плејоф квалификациски натпревари за ОИ во Лондон.

Но тој сега ги предводи протестите против претседателот Башар ал-Асад во неговиот град Хомс. Во битките со сириската војска тој загубил еден од браќата и повеќе блиски пријатели. Тој вели дека нивните тела биле фрлени на улиците и прегазени од тенкови.

Јас сум слободен. Јас патуват низ целиот свет за да играм фудбал. Но слободата не е само за мене. Што е со сите други? Слободата е голем збор. Тоа е слобода на говор и слобода на мислење", изјави Сарут за Ал Џезеира.

И додека тој се бори против силите на Башар ал-Асад, неговите поранешни соиграчи продолжуваат со натпреварите на патот до Лондон.

Репрезентацијата на Сирија заврши на второто место во квалификациската група, веднаш зад Јапонија и кон крајот на месецот ќе игра плејоф за пласман на Олимписките игри во Лондон 2012.

Неговите поранешни соиграчи сонуваат дека ќе се изборат за пласман на Олимпијадата, а Сарут сонува дека ќе успее да се избори за слободата на својот народ.

23 март 2012 - 10:16