Рекордот на Златан во ЛШ кој е тешко достижен

За шведскиот фудбалски ас кој го повреди коленото на четвртфиналниот меч од ЛЕ против Андерлехт во месец април, имаше стравови дека може да му заврши кариерата. Н тој се врати, синоќа за прв пат го облече дресот на Јунајтед во ЛШ и влезе во книгата на рекорди.

Секоја чест за рекордните 113 голови на Роналдо во европските купови, за рекордните 6 трофеи во КЕШ на Франциско Хенто со Реал, за Карло Анчелоти како единствен тренер во ЛШ со 3 трофеи.
 
Рекордите во Лигата на шампионите се тешко остварливи и уште потешко се рушат, а им успеваат само на големите фудбалски имиња. Во тоа елитно друштво свое место си направи и Златан Ибрахимовиќ.
 
По пауза од 7 месеци тој се врати на терените и кога синоќа влезе во 74-та минута на гостувањето против Базел, го одигра првиот меч за Манчестер Јунајтед во елитното натпреварување. Тоа го направи прв играч во историјата кој настапил во ЛШ за 7 клубови.
 
Ибра има вкупно 120 настапи во Лига на шампиони кои ги одигра за Ајакс (19), Јувентус (19), Интер (22), Барселона (10), Милан (16), ПСЖ (33) и сега прв меч за Манчестер Јунајтед.
Вчерашниот пораз од Базел воопшто не влијае врз Манчестер Јунајтед кој веќе избори учество во осминафиналето, што значи дека авантурата на Златан во ЛШ ќе продолжи и следната година.
 
Тешко дека некој во блиска иднина ќе го стигне или ќе му го сруши рекордот. Единствените двајца играчи кои имаат настапувано за шест екипи во ЛШ се Николас Ањелка и Хавиер Савиола, но и двајцата се во пензија.
 
Шведскиот фудбал ас кој се до оваа година 10 пати во низа беше прогласуван за најдобар играч во својата земја има блескава кариера со 420 постигнати голови и 31 трофеј.
 
Штета што треба да го напишеме ова на крај. Тој е прв и единствен играч кој настапил за седум екипи во ЛШ, но му недостасува токму тој трофеј. А годините го стасаа, има 36.

23 ноември 2017 - 13:24