
Во првиот натпревар од големата евросезона, „кралскиот клуб“ го совлада Ајнтрахт Франкфурт победникот на Лига Европа со 2:0 (1:0).
Дуелот во Хелсинки, главниот град кој ја доби организацијата на овогодинешниот Супер Куп, беше своевидна реприза на големото финале на Куп на европски шампиони од 1960-та година кога Реал Мадрид предводен од легендите Ференц Пушкаш и Алфредо Ди Стефано го растурил Ајнтрахт со 7:3.
Избраниците на Карло Анчелоти му го донесоа на Реал 98. пехар во клупската историја. Интересно, Ајнтрахт Франкфурт можеше да стане прв германски клуб после Баерн Минхен кој го освоил Суперкупот.
Но малку фалеше резултатот да биде поинаков. По мирниот старт на мечот, на „Олимпискиот стадион“ во Хелсинки во 10’ минута Рафаел Боре и Јеспер Линдстрем одлично комбинираа, Данецот шутираше силно но Куртоа одбрани.
Реал брзо се консолидираше и поведе офанзива која ја круниса во 37’ минута по еден корнер на Тони Крос. Бензема ја спушти топката до Каземиро кој го проигра Алаба а Австриецот го отвори резултатот.
И Реал и Ајнтрахт играа практично со исти состави од финалните дуели во Лига на шампиони и Лига Европа, со тоа што Германците го немаа нивниот најдобар играч Филип Костиќ кој замина во Јувентус.
Во вториот дел во 66’ минута, Карим Бензема зголеми на 2-0 на асистенција на Винисисус. Ова беше прв гол на Французинот сезонава а дури 324-ти во дресот на Реал Мадрид со што го помина легендарниот Раул на вечната листа најдобри стрелци на Реал. Прв е недопирливиот Кристијано Роналдо со 450 голови.
⚽️+100 goles con el RM🇪🇸
— InfoRealMadrid (@Info_Real_) August 10, 2022
1🇵🇹Cristiano 450
2🇫🇷Benzema 324
3🇪🇸Raúl 323
4🇦🇷Di Stefano 308
5🇪🇸Santillana 290
6🇭🇺Puskas 242
7🇲🇽H.Sanchez 208
8🇪🇸Gento 182
9🇪🇸Pirri 172
10🇪🇸Butragueño 171
11🇪🇸Amancio 155
Карим Бензема на „Сантијаго Бернабеу“ пристигна во 2009-та година а од тогаш до денес одигра 610 натпревари и ги постигна споменатите 324 голови. Французинот со алжирско потекло има и повеќе од 150 асистенции.
За Реал Мадрид синоќа дебитираа и новите засилувања Антонио Рудигер и Орелиан Чуамени. Интересно, Карло Анчелоти стигна до четврт пехар во Супер Купот на исто толку одиграни натпревари за овој трофеј.
„Кралевите“ сега во недела го отвораат шпанското првенство на гости кај Алмерија а Ајнтрахт Франкфурт ќе игра против Херта во Берлин во 2. коло од германска Бундеслига.