Барселона и Реал Мадрид ќе се борат за титулата во последното коло од Ла Лига сезонава следниот викенд. Каталонците, кои никогаш досега не ја загубиле титулата во последното коло, одат на гости кај Гранада, а Реал ќе патува во Ла Коруња на Риазор, каде за противник ќе го има тимот на Депортиво кој обезбеди опстанок во лигата.
Барса има бод повеќе од вечниот ривал и ако победи против Гранада, сигурно ќе го освои вредниот трофеј.
Со оглед на актуелната ситуација, веќе кружат гласини во Гранада дека Реал Мадрид ќе им понуди неодолива финансиска инјекција ако играчите успеат да и одземат бодови на Барселона, пишува денес АС.
Според правилата, тоа е илегално, но не и неизводливо. Гласините во соблекувалната на Гранада стигнале и до хрватскиот голман Иван Келава кој за италијанското издание на Гол изјавил дека соиграчите му кажале како премирањето оди во Шпанија.
„Поради прославата на опстанокот во лигата, неделава не трениравме добро, а соиграчите ми раскажаа за стандардните шеми на премирање на други клубови. Така што можно е Реал Мадрид да ни понуди бонус за да ја запреме Барселона“, изјавил Келава за италијанскиот Гол.
Премирањето е честа појава во Шпанија и не само таму на крајот од секоја сезона во случај да се решава некое големо прашање како што е титула, излез во Европа или опстанок во лигата.
Со развојот на настаните од минатиот викенд, Гранада обезбеди место за следната сезона во Примера, но би можела да му помогне на Реал Мадрид викендов. И да заработи некоја пара, секако. Плаќањето бонуси на други тимови или играчи за да победат или загубат не е дозволено во Шпанија.
Гранада ја победи Барса во 2014-та со 1-0:
„Гранада е град со специфичен идентитет, нема многу навивачи на Реал Мадрид или Барселона, туку сите навиваат за клубот од градот. Многу медиуми не поврзуваат со Реал Мадрид затоа што објавија пар стории како онаа на Хави Маркез кој го крстил својот син Модриќ или ставаат фотографии каде што сум со Ковачиќ. Додајте и дека имаме неколку играчи кои играле во Реал Мадрид Б", појаснува Келава за шпекулациите за блискоста со Кралскиот клуб.
Сите средби од последното коло во Ла Лига се играат во сабота со почеток од 17 часот.
„Имавме 5.000 навивачи во Севиља минатото коло, а клубот го плати патувањето. Ковачиќ е еден од моите најдобри другари уште од времето. Се знае како стојат работите со Барселона, во моментот кога тие даваат први гол, се знае како се одвива дуелот. Но беа фаворити и во 2014-та, па загубија 1-0. Замислете што ќе се случи ако Меси и Нејмар ја загубат титулата во Ла Лига овде", најавува неизвесно последно коло Хрватот Иван Келава.
Од друга страна, Барса веќе има логистички тим кој ја планира прославата на евентуалната титула.
„Ќе биде шеста лигашка титула во осум години и тоа треба да се прослави“, велат од клубот. Интересна околност е што Брус Спрингштин истата вечер ќе има концерт на Камп Ноу каде се очекува голема журка и прослава на титулата.
Гранада одвоила само 150 влезници за навивачите на Барса на стадионот Нуево Лос Карменес кој ќе биде преполн.