Стадионот Сантјаго Бернабеу во петок ќе биде исполнет до последно место. 85.000 гледачи ќе купат влезници за финалето од шпанскиот куп помеѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид и покрај тоа што цените договорени помеѓу двата клубови и шпанската федерација се највисоки во историјата.
Најевтините влезници за најодалечени места зад головите чинат само 10 евра, но има 3 категории на влезници кои се поскапи од најскапите влезници од минатата година.
Најскапите влезници за финалето минатата година помеѓу Атлетик Билбао и Барселона чинеа 200 евра, а оваа година има 3 категории на поскапи влезници: 200, 245 и 275 евра за најскапите влезници за седиштата блиску до теренот.
Колку за споредба, цените за шпанското финале се многу поскапи и од цените за финалето во Англија каде обично има најскапи влезници. Најскапиот билет за финалето од ФА купот помеѓу Манчестер Сити и Виган чинеше 136 евра.
Влезниците за германското финале помеѓу Баерн Минхен и Штутгарт се движат од 35 до 125 евра, а на финалето од италијанскиот куп помеѓу Лацио и Рома можете да присуствувате за 30 до 120 евра.