Два месеци по настапите на дебитантското Европско првенство, Македонија се врати на меѓународна сцена со нов селектор, четворица дебитанти и четворица повратници во националниот тим.
Благоја Милевски уште од првата минута во напад му даде шанса на Адис Јаховиќ, кој не беше во добри односи со Мрме, а со него во навалата беа Трајковски и Чурлинов.
Средниот ред го држеа Елмас, Барди и Костадинов, а во одбраната играа Муслиу и Велковски заедно со Алиоски и новиот капитен Стефан Ристовски како офанзивни бекови.
Македонија уште на стартот ја презеде иницијативата и имаше посед на топка, но недостасуваа идеи во играта од нападот и немаше последното додавање за да се створи зрела шанса за гол.
Првите воздишки на трибините се случија во 29-та минута, кога избраниците на Милевски направија опсада пред голот на Ерменија, но ниту во три наврати не успеа да ја затресат мрежата.
Најпрвин капитенот Ристовски по одличното двојно додавање со Барди излезе пред голман и се обиде со глава да го лобува. Следуваше корнер по кој Велковски ја промаши цела топка пред гол, а веднаш потоа од лево непрецизно биеше Трајковски.
Веќе во следната минута новото засилување на Алборг упати остар центар шут, но Костадинов ја удри лошо со глава. Гостите се решија повеќе за дефанзива и за среќа не казнија од контра ниту една од грешките, а ги имаше многу во нашиот табор.
Она што недостасуваше во нападот на Македонија се заканите и продорните акции од средина. Првиот опасен удар од таква позиција го имаше Џани Алиоски околу 65-та минута.
Притисокот на нашите фудбалери кои имаа голема желба за победа, беше голем и во вториот дел, но недостасуваа зрели шанси и топки за најистурениот напаѓач, Јаховиќ. Едноставно Македонија делуваше безидејно во напад.
На четири минути до крајот во шанса влезе нововлезниот Стефан Ашковски, но се најде во офсајд, исто како и во 90-та минута кога Алиоски биеше силно, но го погоди Ашковски во телото.
Селекторот Милевски ги внесе во игра и Стефан Спировски и Милан Ристовски, но Македонија не успеа да постигне гол. Впечатокот за играта на Македонија пред тешкото гостување против Исланд на 5 септември, не е добар.