Играта на бразилската репрезентација на Мундијалот воопшто не личеше на бразилска. Немаше течна игра со куси додавања, ниту дриблинзи, а во преносите стручниот коментатор Дарко Панчев велеше дека нетипично за нив, играат европски фудбал со долги топки и го прескокнуваат средниот ред.
Најголемиот товар на Бразил беше врз ѕвездата Нејмар кој се повреди во четвртфиналето и не успеа до крај да им помогне на колегите. На СП 2002 во Јапонија и Јужна Кореја, во тој состав на Бразилците немаше само еден играч врз кој се темелеше играта.
Стартни состави
Бразил 2002 vs Германија:
Маркос - Лусио, Едмилсон, Роке Жуниор, Роберто Карлос, Кафу – Жилберто Силва, Клеберсон, Роналдињо – Ривалдо, Роналдо
Бразил 2014 vs Хрватска:
Жулио Цезар - Дани Алвеш, Тијаго Силва, Давид Луиз, Марсело – Паулињо, Луис Густаво, Хулк, Оскар, Нејмар - Фред
Формација
Бразил 2002
Сколари во тоа време на бековските позиции ги имаше Кафу и Роберто Карлос кои целосно ги покриваа страничните позиции од едниот до другиот крај на теренот. Додека играа во одбрана заедно со Лусио, Едмилсон и Роке Жуниор создаваа силна петорка.
Формацијата лесно се трансформираше од 3-5-2 во 5-3-2 во зависност дали напаѓаа или се бранеа. Им помагаа на Жилберто и Клеберсон во дефанзивните задачи од средниот ред, а Роналдињо добиваше поголема слобода. Пред себе тој го имаше убиствениот тандем Ривалдо-Роналдо кој беше кошмар за сите одбрани.
Бразил 2014
На ова Светско Бразил и покрај истиот селектор играше во сосема поинаква формација. Сколари ја одбра формацијата 4-2-3-1 во одбрана со Алвеш, Силва, Луиз и Марсело. Пред нив играше Луис Густаво кој имаше дефанзивни задачи во средниот ред, а малку пред него беше Паулињо. Напаѓачкото трио од Хулк, Оскар и Нејмар играше високо во средниот ред, веднаш зад единствениот шпиц Фред.
Одбрана
Бразил 2002
Одбранбените играчи во тој состав на Сколари беа физички посилни, но и поорганизирани. Триото на стоперските позиции беа високи и не дозволуваа така лесно да помине топката. Тие имаа огромна помош од најдобрите бекови во светот Карлос и Кафу, а тоа беше дополнителна леснотија за голманот Маркос кој прими само 4 голови на тоа првенство.
Бразил 2014
Иако одбраната на овој Мундијал им беше составена од четири големи имиња, тие не беа организирани како нивните претходници пред 12 години. Нивната одбрана многу често беше разбиена, а недостасуваше помошта на Алвеш и Марсело кои повеќе сакаа да играат напред.
Разни авантури на терен правеше и Давид Луиз за кој ПСЖ плати 50 милиони евра, а неговото место го пополнуваше Густаво кој немаше избор и мораше да се враќа назад. Таа недисциплина создаде конфузија уште на отворањето против Хрватска кога Марсело многу брзо си постигна автогол.
Среден ред
Бразил 2002
Средниот ред во 2002 година беше составен од Џилберто и Клеберсон, а по страничните позиции кога се напаѓаше добиваа помош од Карлос и Кафу. Тие му отвораа поголема шанса на Роналдињо да биде опасен по голот, но и да им дели топки на Роналдо и Роналдињо кои ќе бидат запаметени како едни од најопасните напаѓачи на Светските првенства. Овие играчи од средниот ред на Бразил постигнаа вкупно 54 голови во репрезентативната кариера.
Бразил 2014
Во овој состав на Бразил Густаво играше како дефанзивен играч во средниот ред, односно како екстра помош за дефанзивците. Паулињо играше на центар и им дозволувше на Хулк, Оскар и Нејмар да играат понапред, со тоа што тој не беше многу од корист на Мундијалот. Во нападот Осмар и Нејмар беа подобри од Хулк и создаваа повеќе шанси за тимот. Овие играчи од средниот ред постигнаа досега 60 голови, но 35 се дело на Нејмар.
Напад
Бразил 2002
Тандемот Ривалдо-Роналдо е едноставно класика. Тие ја уништуваа секоја можна одбрана и остварија големи успеси и слава во кариерата. Ривалдо играше зад истурениот Роналдо и беше специјалист за слободни удари, додека Роналдо секогаш знаеше да биде на вистинско место, но и лесно да го помине чуварот. Ова напаѓачко дуо запиша вкупно 96 голови за Бразил, а тоа е повеќе од целиот стартен тим кој сега игра за репрезентацијата.
Бразил 2014
Сегашниот состав на Бразил на Мундијалот имаше само еден истурен напаѓач, а тоа е Фред кој игра за Флуминезе. За овој фудбалер тешко е да се напишат пофални зборови затоа воопшто не блесна на Светското и постигна само еден гол, оној против Камерун. До сега за Бразил има постигнато 18 голови, но тој не е напаѓач од светска класа. Товарот беше на Нејмар кој постигна 4 голови на 3 меча.
Заклучок
Сегашниот тим на Бразил треба да учи од составот кој ја красеше селекцијата на СП 2002. Алвеш, Луиз и Марсело треба да престанат да ја напуштаат одбраната и да трчаат напред, затоа што нивната одговорност е да ги спречуваат контрите кои се создаваат пред нивниот гол.
На овој тим му е потребен поквалитетен напаѓач кој ќе игра пред Нејмар. Фред не е од таков калибар, но се чини дека во овој момент нема многу избор за таа позиција.
Главниот проблем со овој Бразил е што сите се потпираат на ѕвездата Нејмар. Бразил во 2002 година имаше многу ѕвезди во тимот, но на крајот сите тие функционираа како колектив предводен од Сколари кој изјави: „Нејмар не може да победи сам или да загуби сам“.
Овој состав на Бразил прави преголем притисок врз Нејмар и останатите играчи ќе мора во иднина повеќе да допринесат ако сакаат да ја подобрат играта и резултатите.