Првиот контакт со топката, Јон Алберто Фернандо Андрес Луиџи Олоф Гвидети го направил во Најроби, главниот град на Кенија. Од татко му го носи италијанското презиме, а од страна на мајка му има бразилско потекло. Неговиот татко бил поранешен рагби играч а подоцна станува професор кој долго живеел и предавал во Кенија.
Првиот професионален клуб за кој играше Гвидети е Бромапојкарна, каде го забележуваат скаутите на Манчестер Сити. Веќе на 16 години потпишува со англискиот клуб, кој го позајмува во Барнли и Феенорд. Гвидети експлодираше токму во Холандија каде на 23 натпревари постигна 20 голови на само 19 години.
Сити реши да го врати, но поради редок вирус на нервниот систем, напаѓачот отсуствуваше од терените цели 9 месеци. Во јануари 2014. година замина во Стоук Сити на позајмица и дебитираше само 4 дена по промоцијата. Граѓаните повторно не му дадоа шанса и Гвидети од 2. септември 2014 година се пресели во Селтик каде ја заврши сезоната и сега е слободен фудбалер.
„Добив понуди од Лацио, Удинезе, Верона и од некои германски клубови, но му кажав на менаџерот да ги разгледа сите понуди, а јас ќе одлучам на крајот од месецот. Во моментов сум концентриран само на турнирот“, изјави Гвидети, кој ја реши Италија во првото коло.
Ѕвездата во нападот на Шведска постигна гол против Италија на дебито на Европското првенство У-21, за победа која ги приближи Викинзите до Олимписките игри во Рио. Познат е по необичната прослава на голови, кога отпоздравува со војнички поздрав како Јаја Туре.
Гвидети веќе има настап и за сениорскиот состав на Шведска, заедно со Златан Ибрахимовиќ. Иако има 23 години, тој го искористи правилото кое вели дека секој фудбалер кој до 21 година ги почнал квалификациите за ЕП може да го одигра циклусот до крај, а Шведска профитираше од него.
Гвидети е љубител на боксот и карбонарата, се гордее со своите италијански корени, но вели дека никогаш не се замислувал во дресот на Италија. Иако би можел да заигра за Аѕурите, затоа што за Шведска играл само пријателска, селекторот Антонио Конте досега не го споменал Јон Гвидети.
„За ништо на светот не би ги менувал соиграчите од репрезентацијата. Имаме одлична атмосфера, добар амбиент и верувам дека можеме да стигнеме далеку на ова Европско првенство“, констатираше напаѓачот кој во недела ќе игра против Англија.
Развојниот пат на Јон Гвидети:
Голот против Италија: