Расел Кроу е спасителот на Лидс Јунајтед

Оскаровецот ги праша своите следбеници на Твитер дали би била добра идеја да го купи членот на Чемпионшип дивизијата, за кого навива од младоста. Клубот неколку сезони се соочува со проблеми во управувачкиот сектор, а навивачите со широки раце би го пречекале Кроу.

Англискиот клуб е во сопственост на Елеонора Спорт Лимитид, но претседателот на клубот, некогашниот сопственик на Каљари, Масимо Челино ги продаде акциите (75%) откако ФА го суспендираше од декември лани до април годинава. Тимот е опседнат со вон фудбалски проблеми, а во последните неколку сезони смени неколку тренери.
 
Италијанецот имаше нерасчистени сметки со италијанското судство, кое го обвини за затајување на данок, поради што англиската фудбалска федерација не му дозволи да управува со Лидс Јунајтед. Некогашниот гигант во европски рамки во моментов е на 14. место во Чемпионшип и го очекува грчевита борба за опстанок во лигата.

Расел Кроу (50), веќе е ко-сопственик на рагби клубот Саут Сиднеј Рабитос кој игра во австралиската национална лига. Симпатиите кон Лидс на Расел Кроу датираат од неговите училишни денови, кога го гледал прегледот на колото на ББС.
 
Братот на Кроу, Тери е голем навивач на Ливерпул, а Расел навива за Лидс, кој своите славни денови ги имаше под водство тренерот Дон Реви. По саботниот твит во кој изрази желба да го купи Лидс, екипата направи изненадување и го совлада фаворитот Мидлсборо. Реакцијата на навивачите на Лидс по твитот на глумецот беше позитивна, а голем дел од нив пишуваа дека би сакале тој да влезе во клубот. Богатството на Кроу се проценува на 75 милиони долари.
 

Од друга страна, Пол Кит, претседателот на здружението навивачи на Лидс за ББС изјави дека веста за Расел Кроу е последна во циркусот кој се создава околу клубот, но се надева дека Кроу би донел стабилност.

„Ако е сериозен во намерата, нека дојде. Но само ако има време и средства за тоа. Ако сака да дојде на Еланд Роуд и да седне до мене и моите деца, тој е добредојден. Ќе му купам дури и кригла пиво“, се насмеа Пол Кит во разговор за ББС.
Лидс Јунајтед викендов игра против Ватфорд и ништо чудно Расел Кроу да го изненади гледалиштето на Еланд Роуд.