Ракометар заигра за фудбалската репрезентација на Фарски Острови

Навикнати сме да слушаме дека за репрезентацијата на Фарски Острови периодично играат рибари, монтери и санитарни техничари, но сега има уште поубава историја.

Уште во јануари годинава 23-годишниот Хилмар Леон Јакобсен играл за ракометната репрезентација на Фарски Острови, во квалификациите за Светско првенство, а во средата дебитирал за фудбалската репрезентација.

Фарски Острови веќе извесно време не е топовско месо, напротив, верувале или не, во групата М во новото издание на Лига на нации имаат 3 победи, 1 нерешена и 0 порази. Освоени 10 бода и сигурно пласирани во повисок ранг за следната едиција на турнирот.

Синоќа изгубија во пријателска средба против Литванија на гости 2:1 а мечот ќе се памети по тоа што ракометарот Јакобсен заигра па дури имаше и страшна шанса со ножички да постигне историски еврогол. За малку промаши:

Бајката за Јакобсен ќе продолжи деновиве кога ќе игра против Латвија и Малта во Лига на нации.

ИГРАЛ ЗА МЛАДИНСКАТА ФУДБАЛСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НО ПОРАДИ ПОВРЕДА ИЗБРАЛ РАКОМЕТ

Јакобсен на 16 години играл фудбал во ХБ Торшавн, а неговиот талент го приметиле и од фудбалската федерација па го викнале за младинската селекција каде играл како лев бек.

Но кога требал да премине во сениорски фудбал, Јакобсен се сконцентрирал само на ракомет затоа што за фудбал го попречувале повредите. На 13 години го однеле во Данска на операција поради дисплазија на бедрото.

„Мислам дека го оставив фудбалот во 2013-2014 година, зошто имав силни болки во коленото, тетивата и бутовите. Да можеше телото да издржи, ќе продолжев со фудбал. Сега не чувствувам болки и многу ми е драго“.

Повредите го спречувале и да игра ракомет. Во 2017-та година играл на младинско Светско првенство, но сонот за фудбалска кариера бил присутен. Чудно, му помогнала пандемијата поради која ракометот како и многу други спортови сопре.

Летово поради тоа што во земјата се играл само фудбал, Јакобсен побарал од ХБ Торшавн да тренира со нив, па 190-сантиметри високиот Леон го ставиле во напад.

Некое време играл одлично на полу-аматерско ниво за третиот тим на Торшавн, па набрзо стигнал и до првата екипа.

„После пар меча ме прашаа дали сакам да се приклучам на вториот тим. Игравме против Б-36 и Јенс Бертел Ајс (тренер на Торшавн) го гледаше мечот, следниот ден ми се јави и праша дали сакам да прејдам во прв тим. Прво одбив да играм за првиот состав, но после се предомислив“.

ИГРАЛ И ВО КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛИГА ЕВРОПА, СТАНАЛ ШАМПИОН НА ФАРСКИ ОСТРОВИ И ДЕБИТИРАЛ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Јакобсен блескал во домашното фудбалско првенство: 12 гола и 6 асистенции на 17 меча. Неодамна ја прославил титулата со Торшавн а набрзо добил и повик за репрезентација во Лига на Нации.

Ракометарот успеал дури и да игра во квалификациите за Европско првенство. Уште не може да поверува што се му се случило во краток период:

„Немам зборови. Надреално е сè. На почеток на годината не ни мислев дека одново ќе играм фудбал а уште помалку дека ќе станам шампион на Фарски острови и ќе играм за репрезентација. Чудно патешествие, но среќен сум што испадна вака“, вели Јакобсен.

Прво му дале договор до крајот на годината, а после му го продолжиле на уште 2 години. Сега не знае следен пат за која репрезентација ќе игра, дали за ракометната или за фудбалската:

„Уште немам точни планови. Сега играм фудбал, треба да гледам што подалеку да стигнам. Секогаш мечтаев да играм фудбал, а на 23 години можеби и не сум толку стар да продолжам. 100 посто сакав да станам професионален фудбалер, па ќе видиме колку далеку ќе оди ова“. 

Со 190 сантиметри висина, потсеќа на Роберт Левандовски. Ракометот му дал неверојатна координација, спремност на брзи решенија на кратки пространства. И покрај вистината, тој игра на кратки пасови, прима топка на гради и веднаш ја предава до соиграч.

Има силен шут а на последниот меч против Клаксвајк, Хилмар Леон Јакобсен пренел уште една ракометна навика - извел аут со огромна сила право на глава на соиграч кој го израмнил резултатот и го исфрлил конкурентот од борба за еврокупови следната сезона.

Да се сетиме и на една изјава на Пеп Гвардиола кој во едно интервју призна дека многу научил за фудбал од ракометни натпревари.