Маркез играше на сите Светски првенства од 2002 година и секогаш беше капитен на Мексико. Но Мундијалот во Русија е најнеобичен за него. Маркез е прогнаник поради поврзаност со наркокартелите.
Во борба против мексиканските нарко-дилери во САД, Федералното биро и Министерството за финансии на Америка се заинтересирале за поврзаноста на фудбалерот со картелот Синалоа и неговиот лидер Раул Флорес Ернандез.
Маркез во август 2017 година се најде на списокот лица на кои им беа изречени санкции од САД. Го обвинија за нелегални финансиски односи со нарко босот Ернандез и им препорачале на сите американски банки да го избришат од својот регистар. Тој наводно дејствувал во САД во интерес на наркобосот.
Иако Американците немале доволно докази, покренале официјално обвинение против стоперот. Од таа причина САД го ставиле Маркез на црната листа а затвориле и 40 компании поврзани со него (во таа смисла и фудбалската школа основана во негова чест).
Истрагата ја опфатила дури и неговата мајка која што наводно бесправно купила земја од еден нарко дилер во вредност од дури 350.000 долари. Поради тоа фудбалерот кој беше дел од најславната генерација на Барселона сега има сериозни проблеми.
Во САД му е одземен имотот и замрзнати му се сметките. Му ја поништиле визата и му ограничиле влез во земјата. На граѓаните на САД и посебно правните лица строго им е забрането да контактираат со Маркез и за тоа може да ги казнат.
Ваквата историја не можела а да не се одрази и врз фудбалот. Маркез не смее да има ништо со спонзорите на ФИФА кои на ваков или онаков начин се поврзани со САД. Ниту пак да има контакт со личните спонзори на Мексико - па минатата година не го викаа во репрезентација и два месеци не играше за својот клуб Атлас.
Неговото учество на рекордниот петти Мундијал беше под прашање но на крајот луѓето од фудбалската федерација на Мексико седнале со него и ги решиле проблемите.
Но на Светското 2018 Маркез не може да тренира во иста опрема како и соиграчите затоа што на неа стои логото на спонзорите. Иако нема официјална забрана да ги носи, големите компании од предострожност претпочитаат да не се замерат со американскиот закон.
Рафаел Маркез не може ниту да пие од брендираните шишенца па му даваат посебни без амбалажа. Него дури и го сместиле одделно од другите репрезентативци а фудбалската Федерација на Мексико дури и ветила дека ќе го пресели во друг хотел доколку во него се сместат Американци.
На Светското Маркез не го викаат ниту на интервјуата во микс-зоната после натпреварите затоа што зад неговиот грб има табла со спонзорите на ФИФА.
Затоа Маркез не може ниту да ја добие наградата за најдобар играч на мечот па дури и ако постигне хет-трик затоа што генерален спознор на Светското е Budweiser кој е главен бренд во САД.
Иако е најпознат и најтрофеен мексикански играч, Рафаел Маркез не смее да се појави на никакви настани организирани од ФИФА - не беше на ниту една прес конференција иако е најстар во репрезентацијата.
Нејасно е само како ќе постапи ФИФА во случај Маркез да биде избран за најдобар играч на мечот (за тоа гласаат навивачи од целиот свет на сајтот на ФИФА).
Пред неколку дена голманот на Египет Ахмед Ел Шенави одбил да ја прими наградата за најдобар играч на натпревар поради религиозни причини - на муслиманите им е забрането да конзумираат алкохол а наградата ја доделува пивската компанија Budweiswer.
По социјалните мрежи веќе има иницијатива луѓето да гласаат за Маркез за најдобар играч на некои од натпреварите на Светското.