Во новата ера на Пари Сент Жермен богатите шеици од Катар направија дрим тим составен од скапи и квалитетни фудбалери, но тие не пазареа локално, туку бараа врвни фудбалски имиња. Тоа доведе екипата од „Паркот на принцовите" да стане првиот тим во историјата на француското првенство кој настапил без ниту еден Французин во стартниот состав.
Стратегот Лорен Блан на синоќешниот висок триумф против Лион во првиот тим стави четворица Бразилци (Алекс, Силва, Максвел и Лукас), тројца Италијанци (Суригу, Верати и Мота) и по еден Уругваец (Кавани), Аргентинец (Пасторе), Швеѓанец (Ибрахимовиќ) и Холанѓанец (Ван Дер Вил).
"Странскиот" состав настапи само едно полувреме, затоа што по првите 45 минути на местото на Тијаго Мота влезе францскуот репрезентативец Блез Матуиди, а како втора замена влезе уште еден Французин, 18 годишниот Адриан Рабиот.
Вчерашниот противник на ПСЖ кој доминираше во францускиот фудбал со седум последователни титули почнувајќи од 2002 година има само шест странци и се потпира најмногу на француски фудбалери. Лион води на листата на клубови во Европа кои постигнале најмногу голови од француски фудбалери.
На втората позиција е премиерлигашот Њукасл кој со своите 10 Французи во тимот до сега сезонава има постигнато вкупно 20 гола. Листата со француски стрелци на првите пет позиции ја надополнуваат екипите на Марсеј, Сент Етјен и Генгамп.