Први откритија во Лига на шампиони: Кои се Финецот Каиринен и Сенегалецот Сима?

Финскиот фудбалер од среден ред на Спарта Прага Каан Каиринен и сенегалскиот крилен напаѓач на француски Брест, Абдала Сима постигнаа голови во две кола по ред во Лига на шампиони. Сенегалецот веќе има 3 гола и е втор стрелец во елитното друштво зад Хари Кејн.

КАИРИНЕН ГО ВИКАЛЕ НОВИОТ ПИРЛО, ПОНИКНАЛ ВО ДАНСКА

Спарта Прага веќе собра 4 кола во две кола: прво го разбија Ред Бул Салцбург со 3:0 а синоќа извлекоа 1:1 од тешкото гостување кај Штутгарт. На обата меча најдобар поединец во чешкиот состав беше 25-годишниот Каан Каиринен.

До синоќа анонимен фудбалер, а сега во бележниците на многу европски клубови.

Каиринен до пред 10 години бил често ставан на листа на најголеми таленти во Европа. Дебитирал во возрасен фудбал на 15 години, во 2014-та. Станал вториот најмлад играч во историјата на финскиот клуб Интер Турку. Малиот талент го привлекол вниманието на Тотенхем и Јувентус а британски Гардијан го ставил на листата од 50 топ млади таленти во светот.

На таа листа биле и Мартин Едегор, Дани Олмо, Дајо Упамекано, Федерико Валверде, Мануел Локатели, Кристијан Пулишиќ и други.

„Левоног е и многу е стабилен на топка, многу добро ја чита играта“, пишал меѓу другото Гардијан кој додал и дека во финскиот фудбал го споредувале со Пирло и очекувале да стане играч како него.

Каиринен бил на проба во Астон Вила во 2013-та и во Тотенхем во 2014-та но не го задржале. Во 2016-та потпишал договор со дански Мидтјиланд но за четири години таму собрал само 80 минути во прв тим. Често го праќале на позајмици а во јануари 2021-ва во трансфер од 300.000 евра го купил норвешкиот клуб Лилестрем.

Таму имал стабилно играчко време, станал главен играч и после две години заминал за Спарта Прага која за него платила 1,5 милиони евра. Во репрезентацијата на Финска дебитирал во 2019-та и има 17 настапи.

НЕ ГИ ОПРАВДАЛ ГОЛЕМИТЕ ОЧЕКУВАЊА ПОРАДИ ПРИТИСОК

Татко му на Каан Каиринен е Турчин а мајка му од Финска. Татко му починал кога Каан имал пет години па мајка му сама одгледала три деца.

Во периодот кога бил во Данска од него имале големи очекувања на фудбалскиот терен тој не успеал да се справи. Притоа не играл многу, бил резерва во Мидтјиланд па паднал во депресија. Во еден момент имал растројство кое му се одразило на физичката подготвеност. За среќа сето тоа е далечно минато а Финецот сега ги игра најдобрите натпревари во Лига на шампиони на врвно ниво.

25-годишниот Каан Каиринен игра во средниот ред како играч за врска, неговата вредност е проценета денес на 7 милиони евра. Досега сезонава има 2 гола и 1 асистенција во Лига на шампиони на 2 натпревари со што е при врвот на најпродуктивни играчи по првите две кола.

СИМА ОД ЧЕШКА ВТОРА ЛИГА СТИГНАЛ ДО ЧЕТВРТФИНАЛЕ НА ЛИГА ЕВРОПА И СЕГА БЛЕСКА ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Француски Брест е најголемото и најпријатно изненадување во новата Лига на шампиони. После 2 кола имаат 2 победи. Прво го совладаа Штурм Грац со 2-1 на домашен терен, а синоќа го развалија очајниот Ред Бул Салцбург со 0:4 на гости.

Во двата случаи победничките голови одат на контото на 23-годишниот сенегалски крилен напаѓач Абдала Сима. Тој од 2021-ва година е под договор со англиски Брајтон но уште не заиграл ниедна секунда за премиерлигашот. Постојано го праќаат на позајмици: Стоук, Анже, Ренџерс и сега во Брест.

Неговата фудбалска судбина е филмска. Тој почнал да тренира фудбал во малиот сенегалски клуб Медина каде го снимиле ловците на таленти на француски Евијан. Дошол во Франција но во 2016-та овој клуб банкротирал, па Абдала лутајќи стигнал во чешкиот второлигаш МАС Таборско. Чешката втора лига официјално се вика Fotbalová národní liga.

Многу брзо Сима го надминал нивото на втората лига во Чешка и стигнал во Славија Прага на која и дал два гола на пријателски натпревар. Бил на проба во вториот тим на Славија каде дал 4 гола на 6 меча и веднаш во есента 2020-та го прекомандувале во прв тим.

А после еден месец го постигнал првиот гол и тоа во Лига Европа против Ница. Сенегалецот со Славија Прага стигна до четвртфинале, постигна четири гола тогаш против Лестер и Ница.

Во првата сезона за Славија Прага Сима постигнал 16 гола на 33 меча во сите натпреварувања а го дал и единствениот, победнички гол во финалето на Куп на Чешка. После тоа по него дошол Брајтон кој умее да препознае врвен талент. Но досега Сима не заиграл во Премиер лига.

Едно време беше и во Ренџерс каде запишал 16 погодоци, а сега во Брест каде дошол летово, на 7 меча има 3 гола и сите три му се на највисоко ниво во Лига на шампиони.

И тоа во историскиот прв настап за овој симпатичен француски клуб во Лига на шампиони. 2 пати по ред Абдала Сима е биран за најдобар играч на мечот во ЛШ.

2 октомври 2024 - 09:47