Проклетството и траумите на Баер кој по 22 години го испрати во историја прекарот Неверкузен

Фудбалот носи возбуда и дополнителен шмек кога ќе се случат примери како Порто кога освои ЛШ, Лестер Премиер лига, пред сите оние милијарди на ултра богатите и кога ќе се најдат јунаци кои ќе го прекинат монополот на еден Баерн Минхен. Колку само мака видоа за да стигнат до тронот. Годиништа.

Како и да завршат другите првенства, кој и да стане шампион, нема да има сезонава поубава и позаслужена приказна од онаа која се испишува во Германија.

Приказна најсакана за навивачите на Баер Леверкузен, најсимпатична за неутралните навивачи и се надеваме почитувана од секој друг навивач во Германија и пошироко чие срце бие за друг клуб.

Ако денеска на Гугл напишете Bayer Leverkusen ќе ви се појави огномет со кој се слави и запишува нешто посебно во историјата за овој клуб, а тоа е првата шампионска титула од формирањето на клубот во 1904-та година.

На 1 јули слават 119 години, датум на кој се формирани откако 170 колеги работници, со потпис ја поддржале идејата на Вилхелм Хаушилд да му испратат писмо на газдата на компанијата, Фридриг Баер со идеја за формирање на фудбалски клуб.

И замислете, од тогаш клубот дури сега дојде на ред да стане првак на Германија и во својата витрина да го додаде само третиот пехар во своето постоење. 

Првиот им е во Купот на УЕФА 1988, а вториот во Купот на Германија 1993. Колку само солзи имаат излеано навивачите на овој клуб низ историјата. Завршуваа втори пет пати, во 1997, 1999, 2000, 2002 и 2011-та година.

Раните кои најтешко ги излечија или за некои можеби вечно неизлечиви се веројатно оние незаборавни две сезони 1999/2000 и 2001/2002, кога имаа шампионски состави.

1999/2000: ЗАГУБЕНАТА ТИТУЛА ВО ПОСЛЕДНО КОЛО ОД ТИМ НА 10-ТА ПОЗИЦИЈА

Не му пуштајте клипови на навивач на Баер Леверкузен од 20 мај 2000-та и подобро не го ни потсетувајте на тој ден кој да можат би го избришале од меморија.

Предводени од Кристоф Даум, тогаш најдобар тренер кој не стана селектор на Германија бидејќи го фатија со кокаин, водеа цела сезона.

И кога дојде време за славје и пукање шампањско, во последното коло им се случи најнепосакуваното сценарио.

Играа дома со Унтерхакинг, јужно предградие на Минхен, кои инаку беа на средина на табелата и кои и сега и пред тоа беа третолигаши. Баерн пак играше дома со Вердер на само 10 км оддалеченост од битката каде ја водеше Баер.

На Баер му требаше само бод за титула, но знаете ли што се случи во 18 минута? Михаел Балак си постигна автогол. И кога почнаа да напаѓаат за израмнување, примија уште еден.

Унтерхакинг - Баер Леверкузен конечни 2:0, Баерн Минхен - Вердер 3:1. Титулата кaj Оливер Кан, Лотар Матеус, Џовани Елбер, Штефан Ефенберг, Салихамиџиќ, Лизаразу, Јеремис и останата славна банда предводена од Отмар Хицфилд.

Солзи за Роберт Ковач, Јенс Новотни, Борис Живковиќ, Марко Бабиќ, Михаел Балак, Зе Роберто, Оливер Нојвил, Улф Крстен, Американецот Ландон Донован, Емерсон, кој потоа играше за Рома, Јуве, Реал и Милан, Вратислав Грешко кој го уништи својот Интер во последно коло против Лацио 2002-ра, кога ја загубија титулата. Па дури и Зоран Мамиќ е во тој тим, брат му на Здравко.

2001/2002: ОД БОРБА ЗА ТРОЈНА КРУНА НА КРАЈ КОМПИР

Две години подоцна имаа идеална, совршена можност за поправен, овој пат со Клаус Топмелер како тренер и уште посилниот тим со Бут, Лусио, Рамело, Новотни, Живковиќ, Брдариќ, Пласенте, Зе Роберто, Шнајдер, Балак, Кирстен, Нојвил, Баштурк, Бербатов...Незаборавна екипа.

Но повторно имаа кошмарен финиш, овој пат уште поголем и потежок за поднесување, бидејќи се работеше за три загубени трофеи во рок од неверојатни 11 дена. 

На 3 кола до крајот на сезоната имаа +5 пред Борусија Дортмунд и внимавајте добро како го доиграа крајот. Прво загубија дома од Вердер 2:1, потоа од Нирнберг 1:0, кога Саша Ќириќ беше дел од тимот и во последното коло ја добија Херта со 2:1.

Но залудно, бидејќи Борусија освои максимални 9 бода во последните 3 кола и ја освои титулата. Практично Баер го делеа од титула само 15 минути, бидејќи Борусија го доби Вердер со гол во 75-та минута.

Последното коло се играше на 4 мај, по кој Баер немаше многу време за тагување. На 11 мај ги чекаше финале во Берлин против Шалке во Купот на Германија. Го загубија 4:2.

Трета мајка само четири дена подоцна беше Глазгов. Повод? Финале во ЛШ. Противник? Реал Мадрид. Финале кое 22 години подоцна се раскажува по еден велемајсторски потег, еден од најјаките видени во финале на ЛШ.

Волејот на Зинедин Зидан на асистенција на Роберто Карлос со кој ја запечати победата на кралевите на конечни 2:1 после головите на Раул и Лусио.

Од 4 до 15 мај, Баер загуби три трофеи, а термините Неверкузен и Лузеркузен беа патентирани од Леверкузен во германскиот завод за патенти во 2003-та година.

За малерот кај некои играчи да продолжи веќе на лето, се случи финалето на Мундијалот 2002 во Јапонија и Јужна Кореја. Германија загуби од Бразил и тоа беше нов загубен трофеј за дури петмина репрезентативци од Баер: Новотни, Рамело, Шнајдер, Нојвил, Балак. 

Само Лусио се радуваше како играч од противничкиот табор.

2023/2024: ВО БИТКА ЗА ТРОЈНА КРУНА КОЈА ЈА ПОЧНАА СО ШАМПАЊСКО

22 години подоцна, дојде време за наплата и тоа на маестрален, феноменален и импресивен начин. Едноставно незаборавен, со многу жар и сплотеност, за историја која вели 43 меча без пораз, во Куп, првенство и ЛЕ. Повторно три фронта, низа која овој пат почна славенички со 1/3.

Овој пат со тим без ѕвезди и со млад тренер кој прв пат води прва екипа. Чаби Алонсо претходно беше тренер на Б тимот на Реал Сосиедад. Ги презема на 5 октомври 2022-ра како претпоследни и за година и пол ги направи шампиони за прв пат во историја. Неверојатно.

Инаку Леверкузен е мал град на северот од Келн со околу 160.000 жители и има скоро 10 пати помалку жители од Минхен. Македонските државјани таму се четврта најголема етнична заедница и сите работат во фармацевскиот гигант Bayer GMBH.

Денес е убаво да си навивач на Баер Леверкузен, но пред 22 години беше вистинска траума за сите нив. Како да беа проколнати. Бидејќи не е лесно да се навива за официјално патентирани лузери, фино е и отворено да им се честита за титулата, посебно на еден наш драг читател кој неодамна ни даде уникатно интервју.

На патот кон тројната круна им стои второлигашот Кајзерслаутерн, противник во финалето од Купот на Германија на 25 мај, а претходно, овој четврток играат реванш четвртфинале против Вест Хем на гости во ЛЕ, каде имаат предност од 2:0.

Дојде време во Леверкузен да течат реки пиво, наместо солзи. Заслужија.

Приказна со најубав крај - Баер Леверкузен е шампион на Германија!

15 април 2024 - 16:13