Приказна со најубав крај - Баер Леверкузен е шампион на Германија!

Фудбалерите на Баер Леверкузен, предводени од сјајниот Чаби Алонсо го остварија сонот чекан цели 119 години - прва шампионска титула за клубот чии навивачи денес се во делириум.

Сознанието дека победа денес против Вердер Бремен сигурно ќе ги направи шампиони, ги наполни улиците на градот Леверкузен каде реки навивачи на Баер се слевале кон стадионот „Бај Арена“.

Таму клупскиот автобус бил пречекан а играчите со пиротехника, песни и еуфорија мотивирани до крај да ја завршат работата.

Откако бодовно му избегаа на досегашниот хегемон во германскиот фудбал Баерн Минхен, фудбалерите на Баер Леверкузен стекнаа можност со триумф на денешниот меч против Вердер Бремен да ја прослават историската прва шампионска титула во клупската историја.

И не само што го победија, туку го декласираа Вердер Бремен со 5:0, со неколку евроголови на чудесниот Флоријан Вирц кој постигна хет-трик иако влезе од клупата за резерви.

Прв мразот го скрши неверојатниот нигериски центарфор кој игра прва сезона во Бундеслига и кој постигна чудесни 27 гола со 18 асистенции во сите натпреварувања во во Бундес постигна 18 погодоци зачинети со 11 асистенции.

Бонифејс го отвори резултатот од пенал а понатаму патот до титулата го поплочија Гранит Џака во 60' минута и Флоријан Вирц кој направи шоу. Најдобриот германски фудбалер во моментов го даде најубавиот гол на мечот во 68' минута со шут од преку 25 метри за делириум на трибините.

Вирц кој мечот го почна од клупата даде уште два гола, прво во 83' минута за 4:0 и во 90' минута за конечни 5-0 и негов хет-трик.

Неверојатно звучи фактот дека Баер Леверкузен ја продолжи и серијата без пораз која трае од почеток на сезоната и сега имаат 43 меча без загубен дуел во сите натпреварувања. Баер Леверкузен досега во својата клупска историја пет пати бил вицешампион: во 1997, 1999, 2000, 2002 и 2011-та година. Ова им е прва шампионска титула. Ја обезбедија во 29. коло од сезоната.

Досега сезонава имат 38 победи и само 5 нерешени во сите натпреварувања. Фасцинантна серија од дури 43 меча без пораз. Оваа серија е и израмнување на рекордот во Топ5 лигите. Јувентус во сезоната 2011/2012 го освои скудетото со серија од 43 меча без пораз во сите натпреварувања, така што „аспиринџиите“ сега сакаат да го урнат тој рекорд.

Во игра се за уште два трофеи - оној во германскиот Куп каде ги чека финале со Кајзерслаутерн и Лига Европа каде ги чека реванш со англиски Вест Хем во четвртфинале. Првиот дуел во Германија го добија 2-0.

Еуфоричниот упад на шампионско славје во Леверкузен

14 април 2024 - 19:32