Кога пред себе имате соговорник кој бил сведок на 15 Олимпијади и 15 Светски првенства во атлетика, тогаш не можете да поминете со подкаст од 1 час.
Затоа колегата Казаковски од Телма има и втор дел. Седне му ја викендов. Разговорот е спортско богатство за слушање. Кој знае па какво е чувството сето тоа човек да го доживее.
Зоки Михајлов ги памети и набројува сите овие 30 големи натпреварувања со име на градот домаќин и годината на одржување.
Прва Олимпијада му Минхен 1972. Речиси да нема дисциплина или спорт кој не го коментирал, па дури ќе каже една смешка и за трка со коњи на Хиподром.
Го коментирал последниот настап на Југославија на ЕП 1991 и тоа финалето во Рим, кога ЈНА веќе била влезена во Словенија. Кога Југославија почнала да се распаѓа како држава, но легендарните Дивац, Кукоч, Дражен Петровиќ, Дино Раѓа им држеле лекција по кошарка на Италијанците на нивен терен.
Михајлов работно не бил со кола само до Хелсинки, туку и на фајнлфор во кошарка 1989-та во Сарагоса, а со Калински до Сплит патувале со трајлер.
За помладите да сфатат за каков легендарен и почитуван лик се работи, не е доволно само да го чујат коментарот од него на Јутјуб за голот на Шаќири од корнер против Англија.
Пазете го ова дечки. На последното Светско првенство во атлетика во Будимпешта лани, 79 годишниот македонски новинар со 60 годишна кариера, доби награда за популаризација на атлетиката и тоа од Светската атлетска федерација и Светската асоцијацијата на спортски новинари. Му ја врачи легендарниот кубански атлетичар Хавијер Сотомајор, сè уште светски рекордер во скок во височина од 2,15 метри.
Го следел Аце Русевски како освојува бронза на Европско младинско првенство 1973 во Киев. Потоа го гледал во живо како на два пати станува балкански првак во Софија 1975 и Загреб 1976.
Раскажува за неговата полуфинална битка на Олимпијадата во Монтреал 1976 со Американецот Дејвис кога освоил бронза, како и среброто на Буштур со Југославија.
Ќе ви открие што разговарал со Јусеин Болт кога му пришол на аеродром во Сеул. За периодот кога бил генерален секретар на Вардар, кога легендарниот Стјепан Бобек како тренер го градел шампионскиот тим во периодот 1978–1981, а потоа дошол Вишњевац.
Му одел муабетот и со Миљан Миљаниќ, кој на ден пред еден натпревар, како селектор на Југославија, само него му го шепнал составот. По битолска линија.
Кога во 1984-та заминал од Вардар со цел да му се врати на новинарството и да биде уредник во Вечер, на врата за дочек на Нова година му заѕвонил Лазо Лечиќ со жена му. Му нудел да биде директор на МЗТ Скопје. Прифатил.
Тројката која го водела клубот во југословенската втора лига била Књазев - Лечиќ - Михајлов. По две години го однеле клубот во прва лига, а решавачкиот меч го играле против Раднички на гости.
Кога се враќале од прослава во Србија која траела до 4 сабајле во кафана, триото патувало со кола. Возел Зоки, а поради брзо возење ги сопрела полиција. Кога го виделе српските полицајци Лечиќ рекле казна нема да има.
Михајлов бил главен иницијатор МЗТ да оди на двонеделна турнеја во Кина, како прв македонски клуб во таа далечна дестинација. Сè било на трошок на Кинезите.
МЗТ во еден момент ќе го помеша со Работнички, бидејќи и таму работел, но како кондиционен тренер. Пред да влезе Буштур на тренинг во сала, го трчал надвор за да го спреми кондициски. Душа му вадел.
Ако се чудите од каде новинар да биде кондиционен тренер, тогаш треба да знаете дека Зоран Михајлов бил младински репрезентативец на Југославија во атлетика 1962/1963 и капитен, како и селектор на македонската атлетска репрезентација.
А да прашаме во Телма да не имаат снимено и трет дел?
Првиот дел од празникот за уши и спортска душа го имате тука. Вториот овде, ако во случај не ви го пушта видеото.