Епското патешествие на легендарниот Зоран Михајлов од Скопје до Хелсинки со фиќо и 30 литри ракија

За македонската коментаторска легенда може да се сними документарец во повеќе делови, а најдолгиот дел треба биде само за патувањето на Европското првенство во кошарка 1967-ма. Претворете се во уши.

Зоран Михајлов во поново време најмногу го паметиме како коментатор на МТВ и она незаборавно реми против Англија во Саутемптон со голот на Шаќири кое го коментираше во 2002-ра.

Ако се зборува за постарото време, тогаш филмската лента со него треба да се намести во 1964-та. Тогаш ја стартува новинарската кариера што значи годинава одбележува 60 години.

Во неговиот пребогат спортски опус не е само новинарството. Внимавајте добро. Михајлов е поранешен атлетичар и младински репрезентативец на Југославија, потоа и селектор на македонската атлетска репрезентација.

Капитен на првата младинска кошаркарска екипа на Работнички на Лазар Лечиќ, генерален секретатр на ФК Вардар, а повеќе од 20 години бил и генерален секретар во Боречката федерација на Македонија во златните времиња со Шабан Трстена и Шабан Сајдиу. 

Потоа кондициски тренер на КК Работнички и спортски работник дури и во ватерполо.

Од него ќе чуете дека Лазар Лечиќ освен што бил кошаркар, бил и ракометен голман, па дури и пливач кој се тркал со Дуки Бојаџи. 

Дека Македонија била една од ретките републики во поранешната држава која го практикувала „големиот“ ракомет кој се играл на фудбалско игралиште 11 на 11.

Го викале „голем“ ракомет за да се направи разлика од „малиот“ ракомет кој почнал да се игра во Македонија во училишните дворови во 1951/1952 година. Најмногу го популаризирал Работнички на кој ќе почне играчите да му ги брои од тоа време.

Човекот е спортска енциклопедија. Раскажува како на Градски порано се поставувал ринг каде се одржувале турнири во бокс, а кошарка се играла на отворено. 

Го памети името на економот на кошаркарскиот клуб Трговски кој се вика Ибро, како и на главниот играч Рамуш кој потоа отворил продавница за папагали во ГТЦ. Имал и мајмун кој му го дал на Мутибариќ.

Само три години откако ја почнал новинарската кариера во Нова Македонија, Михајлов, инаку роден 1945-та во Битола, го пратиле да известува на ЕП во кошарка 1967 кое се одржувало во Финска.

На релација Скопје - Хелсинки се решил да патува со фиќо заедно со колегата Марко Черепналкоски. Носеле 20 литри баделова ракија, 5 литри мастика и уште 5 литри анасонка.

Атракција биле и со фиќото и со ракијата. На граница со Унгарија пиеле заедно со цариниците, а пак на граница пак меѓу Полска и СССР, Марко играл шах со цариниците.

Лесно поминале на руските граници, но во Финска имало прохибиција со алкохол, па Михајлов пред да ги покаже пасошите, на сите три шалтери им дал по едно шише и им рекол дека ова е сувенир од неговата земја.

Имале незаборавно патешествие кое станало уште подолго поради тоа што морале да вртат преку Москва и Ленинград. Но ракијата им завршила работа во повеќе наврати, па дури и кога останувале без бензин. 

На пример на враќање, во Шведска продале 5 шишиња за 100 долари, пари со кои се вратиле дома.

Стигнале за првиот натпревар на Југославија, а за нивното пристигнување со фиќо во Хелсинки, во програма известил новинарот на радио Белград. 

Колку пат поминале? 7.000 км во два правци.

СО ФИЌО.

Уживајте во новиот подкаст на Телма.

Љубомир Николовски - синоним за НБА со 800 преноси и 7 Ол стар викенди на лице место

7 март 2024 - 15:03