Приказната за Попај кој му влезе под кожа на Кристал Палас

А ти го памтиш ли Ломбардо? Па нормално, кај се заборава таа легендарна ќелавица. Епа дечкото е еден од петмината играчи со Скудето за три различни екипи: Сампдорија, Јувентус и Лацио. Буфон нема освоено ЛШ со Јуве, а тој има. Какво човече. 

Во предградието Кројдон во Лондон, летото 1997-ма се раѓа ентузијазам кој нагло расте. Кристал Палас е нов премиерлигаш и решава да го купи Атилио Ломбардо од Јувентус. Се работи за квалитетно десно крило кој доаѓа од голем клуб со кој освои:

Скудето, Лига на шампиони, Интерконтинентален Куп и два Супер Купови, еден на Италија и еден на Европа.

Има 31 година и напредна ќелавост која во Сампдорија му го донесе прекарот Попај. Прво затоа што е без коса, а второ затоа што е силен. Се работеше за неуморен играч, со искуство и харизма, кој на навивачите им донесе голема надеж.

На 9 август стартува сезоната, а Кристал Палас го пречекува Евертон. Сите се во исчекување на дебито на Попај и ете го тој, веднаш се истакна во свој стил. Се појави со број 7 на грбот, одигра дупли пас и го реши голманот на доста снаодлив начин, пласирајќи онаму каде што веројатно никој не очекуваше.

Новиот прволигаш Кристал Палас имаше старт од соништата со две победи по првите три кола. Потоа следуваше и некој пораз, но сепак тимот добро се држеше. На грб ги носи токму Ломбардо кој по месец дена постигнува нов гол за нова победа.

На навивачите за кусо време им станува идол, а тие се заљубуваат во него, пред сè во неговата целосна посветеност на терен. Во ноември месец Кристал Палас е 10-ти на табела, позиција која му внесува мир.

Но потоа ги стигна некоја лоша среќа. За време на репрезентативните активности, Ломбардо се соочува со тешка повреда која значи стоп до април. За Кристал Палас тоа е трагедија. Во следните 19 меча без него, скорот им е ужасен: 2 победи, 5 нерешени и 12 порази. Табелата е веќе критична.

Во февруари Рон Ноадс му ја дава претседателската фотеља на Марк Голдберг, кој се истрчува со следниве ветувања: „За пет години ќе бидеме во Европа“. Немилосрдниот пат отиде во скроз поинаква насока.

Импресиониран од харизмата и влијанието врз атмосферата, Голдберг за играч – тренер го назначува токму италијанското крило со помош на кој се обидува да го оживее тимот. Но новата тренерска смена не била доволна за да се спасат. Кристал Палас се враќа во втора лига.

Попај со големо срце и лојалност, одлучува да остане во тим. Сепак, клубот се соочува со финансиски проблеми и за да се спаси од банкрот има очајна потреба од пари. Единствениот кој може да им донесе повеќе е Атилио.

Во 1999-та го продаваат во Лацио кој во тоа време имаше шампионски тим и така славниот ќелавко станува дел од идниот шампион на Италија предводен од Свен Горан Ериксон. Потоа се врати во Сампдорија и во 2002-ра ја заврши богатата кариера од вкупно 14 трофеи.

Без разлика што мина две сезони во кои одигра 49 натпревари, навивачите на Кристал Палас ќе го паметат засекогаш. И пазете го ова, Атилио Ломбардо го сместија во најдобрите 11 на векот на лондонскиот тим.

Ломбардо веќе 10 години работи како асистент тренер. Му беше помошник на Ди Матео во Шалке, на Михајловиќ во Торино, но најмногу соработува со Роберто Манчини со кои впрочем заедно играа во Сампдорија и Лацио.

Му беше прв соработник во Манчестер Сити, па во Галатасарај, а веќе година дена е заедно со него во стручниот штаб на Италија.

6 март 2020 - 12:51