Филмот го носи името „My Giant“ - Гигантот. Во права смисла на зборот. Затоа што Георге Мурешан е висок 232 см. Насловот на филмот кој го сними во 1998-ма можел да го носи и името „Како предвреме може да се стави крај на една НБА кариера“.
„Или сакате да бидете филмска ѕвезда или НБА играч. Треба прво да сфатите која од овие две професии ви ги плаќа сметките“, изјави неговиот соиграч Харви Грант.
Многумина го обвинија дека ја става личната слава пред доброто за тимот. Кутар Георге. Не го заслужи тоа. Беше како дете, секогаш со насмевка на лицето и подготвен за шеги. Се забавуваше и така ја сокриваше онаа основна тага на сите високи луѓе како него.
Затоа што на мајтапите им нема крај и тоа уште откако ќе пораснат како деца. „Каков е воздухот горе?“, „Какво е времето“? Првиот пат одговараш со насмевка, на вториот климнуваш со главата, на третиот се вртиш и продолжуваш по својот пат. Тој не беше таков и секогаш се смееше.
Отриен е на забар
Мурешан израснал во Тритени де Џос, село со 5.000 жители на еден час возење од Клуж. Кога на 14 години отишол на забар, се обидел да седне на столот, но нозете му стигнале до крајот на собата.
Стоматологот, кој инаку истовремено бил е судија, го земал телефонот и почнал да им се јавува на познаници од светот на кошарката.
Кариерата на Георге започнала вака, случајно. Го земале од Универзитетот во Клуж и му плаќале 15 евра неделно, сместувајќи го во студентски дом со два кревети споени вертикално.
Но, Мурешан бил само висок и знаел што е кошарка. Постојат многу високи, навистина високи луѓе кои сепак, немаат поим што да прават со топката в раце.
Трансфер во Франција
Го викале Гица, што на романски значи „Малиот Георге“. Тоа било начин да се натера да се чувствува поинаку. Животот не е лесен кога си толку непропорционален. Од најбанални работи, како што е креветот, до облеката, до наоѓање пар ракавици што ви одговараат, или автомобил во кој можете да седнете зад воланот, без да морате да го тргнете возачкото седиште.
Гоерге го фатил својот кошаркарски пат, потпишувајќи во Франција со Пау Ортез. Тоа било неговата единствена шанса да испрати дома пари. Пораснал во куќа без вода и струја. „Животот беше тежок во комунизмот“, се сеќава тој. Со договорот потпишан со тимот од Евролигата, тој им подарил куќа на родителите во нивното родно село. Неговата мајка за жал починала за време на неговиот прв тренинг камп со Вашингтон.
НБА драфтот
Пред да оди во Пау, тој никогаш не видел јаже за скокање и немал поим што е тоа склек. Но, ова се работи што може да се научат. Како што велат во САД, единственото нешто што не можете да го научите е висината. А тоа беше и единственото нешто што не му недостигаше на Мурешан, поради хипофизата која ја притискаше бениген тумор.
Чекор по чекор ги научил барем зачетоците, до степен да се најде на теренот, па дури и да остави пристоен впечаток. Релативно кажано.
Пролетта 1993 година му го променила животот. На драфтот во НБА, Вашингтон Булетс го избраа во втората рунда како пик број 30. Тоа беше класично „што може да изгубиме“.
„Кога првпат го видов, мислев дека единствениот начин на кој може да игра во НБА е ако му стават тркала на нозете“, изјавил Џим Линам, неговиот тренер во Вашингтон.
Но не беше во право. Кога Дејвид Штерн го повика на сцената, изгледаше како дете во забавен парк.
Му направија интервју за ТНТ, но не знаел ниту еден збор англиски. Се извлекол со тоа што ја кажал единствената фраза што ја научил: „I love this game", слоганот на лигата.
Беше подложен на деликатна операција која можеше да го чини оштетување на видот, по што следеше серија третмани со зрачење за да се намали туморот, кој потоа го држеше подалеку со лекови.
Страст за овошје
Во 1995-1996 го водеше Вашингтон до борба за плејофот и со 14,5 поени по натпревар, 58,4% шут од поле и 2,26 блокади беше избран за „најподобрениот играч“ во лигата.
Дел од заслугата му припаднала на Денис Хаусхолдер, кондиционен тренер на Булетс, кој се грижел за Георге и го трансформирал, казнувајќи го едно лето кога качил 10 килограми.
Толку многу сакал овошје што кога ќе поминел покрај продавница во близина на тренинг центарот на Булетс, буквално ја празнел до тој степен што продавачот бил принуден да затвори порано.
Линам бил уште еден составен дел од растот на Мурешан (не буквално). Тој го натерал да научи десет фрази на англиски, тесно поврзани со она што треба да го прави на теренот. Георге се сложил, под услов тренерот да научи десет зборови на романски. Линам со задоволство прифатил.
Гигантот брзо го заменил Кевин Дакворт како стартен центар на тимот. „Георге дојде до тука бидејќи е гладен да стане НБА играч“, рекол тренерот на Вашингтон.
Повикот од Холивуд
„Тој веќе е значително подобар од многу други центри“, се критиките во НБА. „Тој ме импресионираше“, вели Дејвид Робинсон: „Тешко е да се игра против него. Јас сум висок, но тој е повисок. Мора да го победите со брзина ако сакате да имате шанса“.
Георге внатре отсекогаш останал големо дете. На гости им доаѓал синот на соседот за да игра со него видео игри. „Но, јас секогаш губам“, рекол Мурешан: „Децата се многу побрзи од мене со своите раце“.
Тој живеел во Вашингтон со сопругата Лилијана. Кога еден новинар го прашал што би правел во животот ако не играше кошарка, тој одговорил: „Немам поим, но не е важно, засега сум кошаркар и тоа ми е доволно“.
Еден ден добива неочекуван повик од неговиот агент: „Дали сакаш да глумиш во филм со Били Кристал? Понуда која не се одбивала. Заплетот одел вака: По сообраќајна несреќа во едно романско село, еден претприемач е спасен од осамен џин. Игнорирајќи ја неговата нежна природа и ранливост, агентот му организира кариера во шоу-бизнисот, носејќи го во Њујорк.
Така пронашол нова страст и ја продолжил својата серија во Холивуд. Глумел во спот на Еминем за хитот „My Name Is“, а снимил и реклама за Сникерс.
Повлекувањето на 31 години по само 10 години кариера
Кошарката останала негово главно занимање. Барем така требало да биде. Но, неговиот грб покажувал знаци на попуштање, а обвинувањата за повреда претрпена на снимањето на „Мојот џин“ продолжиле да се зголемуваат.
Во сезоната 1999-2000 ја заврши кариерата со Нетс после 31 натпревар.
„Беше тешко. Се пензионирав поради операција на грбот, кој беше во навистина лоша форма. Мозокот ми велеше дека сакам да играм, но телото ми кажуваше поинаку и тогаш се повлеков од НБА. Но, бев премногу млад за да престанам. Затоа, играв уште една година во Европа, повторно во Пау-Ортез, пред навистина да се откажам. Беше многу тешко да донесам одлука“.
Следејќи ги неговите стапки, двајцата синови се пробале во кошарката во Џорџтаун, но не стигнале подалеку. Георге не ја напушти кошарката. Организира кампови, амбасадор е на Вашиннгтон.
Иако неговата кариера во НБА всушност траеше само 7 сезони, остави неизбришлива трага во лигата. Тој беше и еден од последните центри над 2,20 кој направи разлика, иако делумно. Дали се каеш за тој филм? „Не, моето тело веќе попушташе. Беше само прашање на време“.