Сте слушнале ли за Јени Маале, познато уште и како Генимаале? Се работи за една од најстарите маала во Битола, кое се наоѓа во близина на влезот на градот кај кружниот тек.
Таму се крие, како што велат тие: фудбалска дрога која произведува ментална психоза, без која не се живее и се вика ФК Јени Маале.
Клуб формиран на типично битолски начин, на кафе, од страна на Томе Блажевски, Николче Пискачев - Пискачот, Благојче Петрески - Дугалот и Тоде Блажевски.
Почнале тивко и храбро, мотото им било другарството и фудбалот пред сè, а денеска се четвртолигаш кој може да се гордее со своето портфолио.
Ако ги изгуглате убаво, ќе стигнете до следнава констатација. Јени Маале може да им држи лекции по организација и функционирање на третолигаши, второлигаши па и прволигаши.
Како аматерски фудбалски клуб кој се натпреварува во четвртата македонска лига во ОФС Битола, имаат одлично развиен маркетинг со веб сајт и профили на Фејсбук, Јутјуб и Инстаграм.
Клубот е и еден вид продолжение на ФК Јастреб кој е формиран во 1933-та. Oваа година слави 15 години од своето постоење.
На ФК Јени Маале може да му подзавидат многу клубови во однос на функционирањето. Од маалски клуб формиран на кафе, успеале да направат многу.
Пријателски дуел со брендот на Битола, ФК Пелистер, како и со младинскиот тим на Работнички па сè до пријателски меѓународен меч во Србија против ФК Церовац, што е прв пат во историјата за македонски клуб од најнизок ранг.
Сте чуле ли за друг четвртолигаш да организира крводарителски акции, хуманитарни изложби и секоја година на гала вечер да ги прогласува најдобрите?
За 10 годишнината од формирањето за Јени Маале се снимил и краток документарен филм насловен како „Којоти на полна месечина". Градот ги препознал и Сојузот на спортови на Битола им ја доделил наградата за развој на фудбалот во урбаните заедници.
Генимаалци пред четири години го кренаа и првиот пехар и ја освоија Општинската Б лига по што се искачија еден ранг погоре во А лигата.
За клубот може да играат само играчи кои живеат или потекнуваат од Генимаале, нешто како правилото на Атлетик Билбао. Милуваат да кажат дека веќе 15 години клубот продава висока мода.
Не планираат тука да застанат и се во фаза на организација на пријателски натпревари со екипи од Хрватска и Грција. Помош добиваат и од една позната битолска легенда, а тоа е поранешниот македонски репрезентативец Митко Стојковски, роден во тоа маало.
Пред нецели две недели ФК Јени Маале доби и свое седиште. Да, четвртолигаш со свои канцеларии. Учете како треба.