Најновото годишно и најголемо истражување во британскиот фудбал вклучува 166 клубови од 10 првенста, односно пет од Англија, четири од Шкотска и Супер лигата за жени.
Навивачите на островот се соочуваат со поскапи влезници во однос на другите силни европски првенства, а по студијата направена лани која покажа зголемување на цените на просечниот билет за 11%, овој мал пад на цените за 2013/2014 веројатно ќе донесе уште повеќе публика на стадионите.
„Ова е добра вест за фановите која доаѓа по долг период во кој секоја година растеа цените на влезниците. Проблемот е што тоа се повторуваше и сега мислам дека клубовите сфатија за тешкотиите на навивачите", изјави министерот за спорт во Англија, Хуг Робертсон.
Во првите четири англиски лиги најголемиот пад на цените од 2,4% се однесува за најевтините сезонски влезници за возрасни кои од 344 фунти во 2012, паднале на 336 фунти во 2013 година, додека најскапите се поевтини за само 1,6% или поточно од 546 на 537 фунти.
Цените за билетите за само еден натпревар имаа помал пад. Најевтиниот просечен кој чини 21,24 фунти паднал на 20,85 или 1,9%, а најскапиот просечен билет оваа година е поевтин за 1% или од 34,11 на 33,81 фунти.
Слично е и во Шкотска каде просечните цени на сезонските влезници поевтиниле за 1%, додека оние за најаевтините билети за еден напревар се поевтини за 3%.
Наскапите влезници во англискиот фудбал и натаму се оние на Арсенал каде најевтиниот чини 26 фунти, а најскапиот оди над 126 фунти. „Топџиите" ги имаат и најскапите сезонски влезници од 1955 фунти но тука се вклучени и седум мечеви од Купот. Најевтиниот сезонски билет за возрасни се продава за натпреварите на Манчестер Сити и тој чини 299 фунти.
„Не е логично клубовите да ги поскапуваат цените на влезниците со оглед на финансиската ситуација во Британија. Во нашата област на пример има невработеност од 9% и не е возможно на некого да му барате се повеќе и повеќе за да дојде да гледа фудбал", смета претседателот на Виган, Дејв Велан.
Минатата сезона Премиер лигата бележи нова рекордна посета на натпреварите по пауза од пет години, а тоа се должи пред се на големиот број на промоции на карти за тинејџери, како и за фамилијарно следење на фудбал.
Некои клубови се поинвентивни во привлекувањето на своите фанови, па така на пример Манчестер Сити, Норич и Кардиф за помалку од 30 фунти нудат билет, пита и чај.